Груевски до СДСМ: Престанете да бидете арогантни!
На денешното одбележување на 22-годишнината на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, и порача на опозициската СДСМ да престанат да бидат ароганти и да почнат да го почитуваат народот.
- СДСМ сакаат да оспорат седум изборни победи. Тие го потценуваат нашиот народ. Треба да заклучиме дека тие не се криви никако и овие од старо-новото раководство, кои немаат зад себе ниту една реформа по која можеме да ги паметиме, туку крив е народот што поддржува режим од кој се плаши - тотално забегана ситуација. Ги слушам и не можам да им се изначудам, рече меѓу другото премиерот Груевски, потсетувајќи на историската победа на последните локални избори кога резултатот беше 58 наспрема 4 општини за ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ се плаши од реалноста со која се соочува, а таа е, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека ние имаме реформи, проекти и дела зад нас, а тие само голо политиканство.
- Седнете и нешто сработотете, почитувајте го народот и не го потценувајте, престанете да бидете арогантни, му порача Груевски на СДСМ. Тој најави дека до крајот на овој месец или почетокот на идниот ќе заврши анализата за „Новиот бран 2013“.
- Јас никогаш не ви ветувам чуда, но ви ветувам напорна работа. Во Македонија воопшто не е розово, има многу проблеми и предизвици. Во Македонија е потребна силна работа и посветеност, а ние тоа го ветивме, го правиме и ќе го правиме. Решивме многу проблеми, но остануваат уште да се решаваат. Ќе продолжиме на патот на реформите и на евроатлантските интеграции, без оглед на тоа колку препреки ни се појавуаат на тој пат, нагласи Груевски.