Македонските компании ги почитуваат руските увозни прописи

Се залагаме за почитување на законските прописи во работењето и не прифаќаме никакви шпекулации што може да влијаат врз деловните субјекти кои најлегално испорачуваат стока согласно прописите.

Ова е ставот на Агро бизнис комората при Сојузот на стопанските комори во врска со сомнежите од руска страна за наводен реекспрот на европски овошје и зеленчук од Македонија во Русија.

- Доколку нашите институции ги потврдат информациите од руска страна, тогаш ќе го осудиме секој што работел спротивно на прописите, изјави претседателот на Агро бизнис комората и член на Управниот одбор на Македонско-руската стопанска комора Огнен Оровчанец.

Според него, основна заложба на македонските компании е да се зголеми производство, но и да се постигне што подобар квалитет и  безбедност на храната. Само така, земјава може да се наметне како сериозен трговски партнер.

Стопанската комора на Македонија е уверена дека домашните извозници ги имаат сериозно сфатено и доследно ги почитуваат правилата наметнати од страна на Русија.

- Прецизна информација дека е вршен реекспорт нема, засега се се сведува на сомнеж. Ние, уште на самиот почеток апелиравме на она што Русија го постави како услов и сметаме дека домашните производители, особено извозниците, го сфатија тоа сериозно и го почитуваат, нагласи Васко Ристовски од Стопанската комора.

Статистичките податоци покажуваат дека извозот на овошје и зеленчук од Македонија во Русија е приближно на минатогодишното ниво. Во првите девет месеци се извезени околу 10.000 тони овошје и зеленчук наспроти 8.700 тони во 2013-та. Незначително зголемување има само кај компирот и зелката додека кај останатите производи извозот е на ланското ниво.

Министрите за економија и за земјоделство Беким Незири и Михаил Цветков денеска најавија дека во наредните два дена надлежните институции треба да утврдат дали се точни сомнежите на Русија за наводно продавање европски земјоделски производи од земјава на рускиот пазар.

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 13:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега