Скоро секој втор вработен нема земено К15 - до крајот на годинава 8500 денари на вашите сметки

 

Зошто уште не исплаќаат К-15 ? Ќе ни дадат ли со ноемвриската или со декемвриската плата. Или нема воопшто да ни исплатат регрес за одмор? Повеќе илјади лица вработени во приватните фирми, кои се израдуваа на повторното враќање во игра на популарниот К-15, деновиве си го поставуваат ова прашање. Тие се во неизвесност дали работодавците ќе ги испочитуваат измените во Општиот колективен договор за стопанство донесени во почетокот на годинава.   Исплатата на К-15 почна практично да се реализира од 1 јули годинава и ќе важи за оваа и за следната година.  Дали работодавците го чекаат последниот момент или се подготвени да плаќаат казни, наскоро ќе се знае. Како и да е, факт е дека досега, на еден месец пред истекот на рокот за К-15, околу 60 отсто отсто од работодавците се' уште ја немаат исполнето оваа обврска. Тоа го потврдуваат и пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, според кои, засега само околу 40 отсто од приватните компании им поделиле регрес на своите вработени, и тоа најмногу оние со помал број на вработени. Процена е дека во државава околу 400 илјади лица работат во приватниот сектор.

 

Од ССМ деновиве посочија дека бесплатно ќе ги застапуваат на суд работниците кои ќе го тужат работодавецот кој нема да им исплати К-15. Во тој случај, трудовата инспекција ќе го казни од 1.000 до 4.000 евра по работник, плус обврската да го плати регресот. На товар на компаниите се и трошоците за вештачење и за поднесување на тужбите.  Според анализите на ССМ, во фирмите со поголем број на вработени во тек е исплатата на регресот и постапката наскоро ќе заврши за сите вработени. Такви се фирмите од секторите енергетика, шумарство, дрвна индустрија, градежништво, сообраќај и врски, телекомуникации, прехранбена индустрија, текстилната, кожарската и чевларската индустрија...  Според Општиот колективен договор за стопанството, износот на К-15 треба да е најмалку 40 проценти од просечната нето-плата во земјава во последните 3 месеци. Тој ќе важи само за оние лица кои работат во иста фирма најмалку 6 месеци едноподруго во една календарска година. Дадено е правото на работодавците да го зголемат овој процент ако тоа им го дозволуваат финансиите, а при тоа фирмите се ослободени од плаќањето данок на таа сума, како олеснителна околност. 

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 21:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега