Папата повика на укинување на сите форми на фундаментализам

 

Поглаваророт на Римокатоличката црква папата Франциско денеска повика на укинување на сите форми на фундаметализам и нагласи дека клуч за запирање на исламистичките милитантни групи во Сирија и во Ирак, наместо воените интервенции, треба да бидат борбата против гладта и сиромаштијата.

На почетокот од неговата тридневна посета на Турција, папата Франциско изјави дека насилството на терористите во турското јужно соседство воопшто не се намалува, нагласувајќи дека исламистичките бунтовници со прогласувањето на Калифат, почнаа со прогон на шиитите, христијаните и останатите кои не ги делат нивните ултрарадиклани сфаќања за сунитскиот ислам.

- Со почитувањето на меѓународните закони дозволено е да се спречи неправедниот агресор. Но, потребна е концентрирана посветеност на сите да се обезбедат средства кои ќе бидат насочени не кон вооружување, туку кон борбата против гладта и болестите, рече папата Франциско по разговорите со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Во разговорите со турските власти папата изразил и загриженост за положбата на христијанската заедница на Блискиот Исток.

Пред средбата со Ердоган, папата го посети гробот на Мустафа Кемал Ататурк, кој во 1929 година ја основаше модерната секуларна турска држава.

Планирано е утре на вториот ден од престојот во Турција, папата да замине во Истанбул, каде ќе ги посети верските историски споменици, а ќе разговара и со севселенскиот патријарх Вартоломеј.

Посетата на папата Франциско е голем предизвик за турската полиција, која мора да се грижи за неговата безбедност. Во Анкара се ангажирани 2.700 полицајци, а во Истанбул дури седум илјади.

Пред посетата на Турција, до папата беа упатени апели да не се сретне со Ердоган во неговата палата со 1.000 соби, чија изградба чинеше 500 милиони евра, меѓутоа Ватикан ги отфрли таквите барања, порачувајќи дека не сака да навлегува во полемики.

Инаку, ова е четврта посета на поглавар на Римокатоличката црква на Турција. 

 

 

Оцени ја веста

28.11.2014 - 18:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега