Галени: Македонија има многу добра понуда за водење бизнис

 

Нашите очекувања како инвеститори досега се остварени. Македонија има многу добра понуда за водење бизнис. Бизнис релацијата со Владата е извонредна, вели Гвидо Галени, извршен директор на компанијата Кемет, која следната година очекува да го зголеми бројот на вработени во земјава на 350, пренесува Лидер.

Какво е вашето искуство од инвестицијата во Македонија?

Досега е добро. Македонија е млада земја, има уште многу да се направи. Нормално, законите треба да се доведат во паралела со оние од Европа, поради евро-интеграцијата. Има желба да се направи тоа. Македонија е млада и мала нација која се движи во одличен правец. Ништо не се прави одеднаш, треба време.

Дали успеавте да најдете соодветна работна сила, бидејќи станува збор за специфична индустрија?

Немавме некои проблеми за да најдеме кадар и тоа генерално кадар од добар калибар. Мислам дека и тоа што фабриката е сместена во близина на главниот град го прави полесно пронаоѓањето на работна сила. Можам да кажам дека нашите вработени имаат соодветно образование, а и беа испратени на обука во фабрики на Кемет во странство. Во индустриската зона, можам да кажам дека ние сме една од помладите компании, па сеуште се трудиме да пронајдеме рамнотежа и да се развиваме. Но, генерално сум многу задоволен.

Колку луѓе досега вработивте и колку вкупно изнесува вашата инвестиција во Македонија?

Досега инвестиравме околу 25 милиони евра, а следната година најверојатно инвестицијата ќе достигне до 30 милиони. Досега вработивме околу 280 лица, а оваа бројка следната година ќе се зголеми на 350. Нормално, тоа зависи од пазарните случувања и особено случувањата на европскиот пазар следната година. Позитивни сме и се надеваме дека ќе биде подобро од оваа година и дека ќе растеме.

Дали се зголемува извозот на компанијата?

Апсолутно. Практично балканскиот регион го избравме бидејќи сакавме од тука да произведуваме за европските фабрики. Балканот е  добар компромис. Во Европа е, а блиску до пазарите на кои работиме.

Зошто ја избравте Македонија?

Македонија има многу добра понуда. Блиску е до европскиот пазар. Ни понуди достапна локација, работна сила, и тоа по многу добра цена, за да можеме да бидеме конкурентни на пазарот. Исто така, бизнис релацијата со Владата, како и она што го прави за да привлече странски компании на овој пазар, е извонредно. Досега сите очекувања кои ги имавме како компанија, како инвеститори- се остварени.

 

 

Оцени ја веста

05.12.2014 - 09:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега