Голем интерес кај струшките земјоделци за јавниот повик на ИПАРД програмата

 

Вкупно 260 земјоделци од Струшкиот регион добија детални информации за јавниот повик за ИПАРД програмата за 2014 година преку подрачната единица на Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството во Струга. 

Како што информира советникот за организација во подрачната единица Слаѓана Калајџиеска-Бебекоска, во 45-те дена колку што траел јавниот повик, се организирале интензивни средби со земјоделците од регионот, но и со други лица заинтересирани за користење на поволностите на ИПАРД програмата. 

- Во изминатиот период до 10.декември, беа реализирани дванаесет посети и трибини на кои вкупно беа информирани 220 лица. Покрај посетата на терен, објаснувања за програмата, земјоделците добиваа и во канцеларијата на Агенцијата во Струга, така што вкупната бројка на информирани достигна до 260, вели Калајџиеска-Бебекоска. 

Според неа, интересот кај земјоделците во Струшко е голем, особено за мерките за модернизација на постоечките овошни насади, за набавка на трактори и приклучна механизација, како и за набавка на современи системи за наводнување на овошните насади како што е системот „капка по капка“.

- Во делот на сточарството најголем беше интересот за инвестиции во реконструкција или изградба на современи штали за одгледување молзни животни како што се крави, овци и кози, инвестиции за изградба на објекти за соодветно чување и складирање на арското ѓубриво, како и инвестиции за соодветна механизација и опрема во сточарството. Сите овие инвестиции водат до преструктуирање и надградба на земјоделските стопанства до стандардите на ЕУ, вели Калајџиеска-Бебекоска.

Струшките земјоделци, појаснува таа, се интересирале и за останатите мерки и поволности, меѓу кои за унапредување на пчеларството и зачувување на традиционалните занаети.

- Во групата мерки диверзификација и развој на руралните економски активности интересот беше насочен кон модернизација во пчеларството, како и во реконструкција на стари објекти и нивна пренамена во објекти за рурален туризам согласно ЕУРОГИТЕС стандардите. Во помал обем имаше интерес и за зачувување и промовирање  на традиционалните занаети, додава Калајџиеска –Бебекоска.

Таа вели дека Агенцијата за поддршка на земјоделството во Струга им стои на располагање на сите заинтересирани земјоделски производители, како за стручни совети од областа на земјоделството, така и за приближување на владините програми за делот земјоделство како што се Програма за финансиска поддршка, Програма за рурален развој, ИПАРД и слично. 

- Јавните повици и огласи од сите овие програми ќе ги има и понатака, при што, земјоделците секогаш може да се обратат во нашата канцеларија каде ќе ги добијат сите потребни информации, помош и насоки за аплицирање за сите програми, додава Калајџиеска-Бебекоска.

 

 

Оцени ја веста

12.12.2014 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега