Нови работни места за помала невработеност
Невработеноста во Македонија падна на историски најниско ниво – 27,9 проценти. Последните податоци на Државниот завод за статистика ги потврдија позитивните движења во реалниот сектор. Во третиот квартал од годинава (јули, август и септември), бројот на вработени се зголемил од 687.465 на 690.965 луѓе, додека бројот на невработени се намалил за 2.897. Според последните статистички податоци, во земјава без работа се 267.428 луѓе. Во однос на претходните три месеци, стапката на невработеност е пониска за 0,3 проценти, пишува Лидер.
Властите задоволни од економските резултати!
Македонските власти се задоволни од позитивните трендови. Според вицепремиерот Ставрески, последните податоци на ДЗС се потврда дека 2014-та е успешна година на економски план.
-Невработеноста е намалена на историски најниско ниво од 27,9 проценти, а македонскиот БДП расте со стапка од 4,1 процент, што претставува трет најдобар резултат во Европа. Сепак, останува уште доста да се сработи во тој дел и во следните години ќе настојуваме да продолжат ваквите позитивни движења, да има дополнително намалување на невработеноста и да се задржи добриот тренд на раст на македонската економија, порача првиот финансиер, Зоран Ставрески.
Новите инвеститори ќе отворат нови работни места
Намалувањето на невработеноста се должи на повеќе фактори. Прво, тоа е зголемениот обем на работа на компаниите од слободните економски зони. Бројот на вработени во зоните годинава е на ниво од плус 1.000 во однос на лани, за претстојниот период се најавени и нови инвестиции, а постојните компании најавуваат дека растот на производството ќе креира и потреба од нови работници.
-Во моментов, во Џонсон Мети се вработени 570 луѓе, од кои 565 се од Македонија. Вие знаете дека нашата компанија ја зголеми првична инвестиција и двојно ги зголеми капацитетите. Веќе почнавме да регрутираме луѓе и се надевам дека до крајот на 2016-та година ќе достигнаме бројка од 680 вработени, открива директорот на Џонсон Мети, Џатин Такрар.
Со слични планови е и американската Кемет Електроникс.
-Досега инвестиравме околу 25 милиони долари, а идната година нашата инвестиција најверојатно ќе достигне до 30 милиони долари. Во моментов во нашата компанија работат 280 луѓе, а оваа бројка идната година ќе се зголеми на 350, вели директорот на Кемет, Гвидо Галени.
Во следната година се очекува бројот на вработени во зоните двојно да се зголеми, бидејќи на терен, Текнохозе ги проширува погоните, италијанската Дијатек ја гради својата фабрика, Техникал Текстил работи на својот објект во зоната во Штип, со регрутирање работници почнуваат ОДВ Електрик, КСС, а со реализација треба да почне и инвестицијата на ВЕИБО, фабрика која ќе донесе огромен број на вработувања, околу 6.000.
-Инвестициите се генератор на економскиот раст, а на Македонија и се потребни меѓу 50 и 100 илјади работни места, за да се амортизира состојбата во која се наоѓа населението. Стандардот оди во пакет. Ако има повеќе работни места, тоа по автоматизам ќе донесе и зголемување на платите, бидејќи ќе се зголеми конкуренцијата. Не говорам само за платите на нововработените, туку и на оние што сега работат. Со тоа ќе се подобри економскиот амбиент, ќе се зголеми побарувачката, а со тоа ќе се мотивираат и инвеститорите, со што ќе се затвори магичниот циклус, објаснува универзитетскиот професор, Зоран Ивановски.
Позитивни движења има и кај домашните компании. Нарачките се обезбедени, се зголемува извозот, полека се подобрува и ликвидноста.
-Гледаме дека има расположение кај компаниите за отворање нови работни места, вели претседателката на ССК, Данела Арсовска, и додава дека тоа зависи од политиката на самите компании.
Активните мерки даваат резултат!
Мерки за самовработување, субвенционирано вработување, кредити за компании кои ќе отворат нови работни места за млади луѓе, обука кај познат работодавец. Активните мерки за вработување даваат резултати.
-Годишно, од четири до пет илјади граѓани кои учествувале во нашиот оперативен план за активни мерки и програми, остануваат на работа и работат за себе и за своето семејство, објаснува директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
-Од 2007-та до 2013-та година, вкупно се отворени 5.835 бизниси преку мерката самовработување со грант, од кои 1.812 лица се млади претприемачи, објаснува Слободанка Алексовска од Центарот за вработување во Скопје.
Во меѓувреме, според податоците на АВРМ расте и бројот на активни баратели на работа.
Историски преглед на невравработеноста
Анализирано по години, највисоки стапки на невработеност во земјава се регистрирани во 2003-та, 2004-та и 2005-та година, во последните години од владеењето на СДСМ.
Во 2005-та, стапката на невработеност достигна фантастични 37,3 проценти, а дури 323.934 граѓани, кои влегуваат во категоријата активно население, биле без работа. Оттогаш и почнува намалувањето на бројот на невработени, до актуелната стапка од 27,9%.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа