Би-Би-Си: Грчката драма се уште не е завршена

 

 

Грција и грчката економија излегуваат од долгата криза и назадувањето, што е добро за земјата и за ЕУ, но грчката драма се уште не е завршена затоа што се враќа политичката неизвесност, оценува Би-Би-Си во својата анализа за грчките состојби.

Оваа година, Грција, која долго време претставуваше „епицентар на кризата“ во ЕУ, а посебно во еврозоната, се врати на финансиските пазари и излезе од шестгодишната рецесија.

Кризата предизвика пад на домашната економија за цели 25 отсто, што се означува како случај без преседан во современа Европа, но во 2014 година првпат по подолго време, падот не само што е запрен, туку е обезбеден и економски раст од 0,7 отсто.

Според Би-Би-Си, тоа не е радикално висок раст, но за еврозоната и пред се за Грција, по се она што се случуваше, претставува значителен напредок особено што и навработеноста годинава е намалена на 25,7 отсто.

Забрзаното опоравување на економијата и на финансиите е постигнато со голема помош и интервенција на ММФ и на ЕУ, сепак тоа не помага да се надминат стравувањата на Брисел за иднината на оваа своја членка.

Овојпат, европските стравувања за Грција се потикнати од заканата земјата уште еднаш да се врати во вртлогот на „политичката неизвесност“.

Станува збор за гласањето за нов претседател на земјата, што британската медиумска компанија, го оценува како закана за провоцирање предвремени парламентарни избори, доколку Парламентот во Атина, не успее да го избере наследникот на сегашниот шеф на државата Каролос Папуљас.

Во таков случај изборите би се одржале во новата година, а на нив како што покажува сегашниот рејтинг на грчките партии, фаворит е Коалицијата на радикалната левица (Сириза), чиј лидер Алексис Ципрас првпат има шанси да ја преземе контролата на власта во земјата.

Ваквиот политички развој во Грција ги плаши Брисел и ЕУ затоа што Ципрас се заканува со раскинување на договорот што земјата го има со ММФ и ЕУ околу финансиското опоравување. Ципрас вели дека доколку Сириза ја освои власта, ќе прекине политиката на намалување на јавната потрошувачка и на одржување на сегашната буџетска прака, која според грчките левичари, е виновна за „осиромашувањето на народот“.

Лидерот на Сириза бара реструктуирање на грчкиот долг и отпис на дел од побарувањата, што не го одобрува никој во Европската унија.

Би-Би-Си забележува дека на можноста за нова политичка неизвесност во Грција, Брисел веднаш реагираше со отворено земање страна на грчката политичка сцена. Раководството на ЕУ ги отфрла заканите на Ципрас и неговата политика, предупредувајќи ги грчките гласачи да бидат внимателни при евентуалните нови парламентарни избори.

- Верувам дека Грците многу добро знаат што ќе значат за Грција, но и за еврозоната, погрешните изборни резултати, изјави во Брисел претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, кој оцени дека кормилото на Атина може да биде преземено од „екстремистички сили“.

 

 

Оцени ја веста

17.12.2014 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега