Марјан Николовски: Автокефалност на сто метри со пречки

Знаејќи го личниот став на Архиепископот Стефан во поглед на идејата за помилување на неговиот некогашен наследник во Брегалничката епархија можам само да претпоставам каков бил разговорот со црковниот дипломат Иларион Алфеев. Околностите, пак, под кои и како владиците го напишаа „апелот за милост за Јован”, не покажува ништо друго освен нивниот „капацитет” за дипломатија. Наместо да бидат чекор пред, сега се десет назад.

Јован Вранишковски е в затвор врз основа на правосилни судски решенија и од таму може да излезе само во законски предвидена процедура. Ако ги исполнува условите за помилување, како и за сите други осуденици, може и треба да се најде на новогодишниот список на Претседателот на државата за помилување. Како се доаѓа до тој список, процедурата е јасна. Но, помилувањето на Вранишковски ниту може да биде, ниту е негово аболицирање за делата за кои е осуден. Јован не е политички затвореник, и неговото помилување не може да се толкува како признавање на некаква државна грешка, затоа што тој в затвор замина кога во Македонија беше една друга власт, а таму остана и кога сега е друга власт.

Слободата на Јован е добра и таа од поодамна требаше да се случи. Па, било тоа и за пивисоки цели, како што велат Владицте.  Во повисоки цели може да се толкува растеретување на државата од непотребниот притисок за наводно кршење на верските права, нешто што реално никогаш во Македонија не било случај. Во повисоки цели можат да бидат и да речеме расчистивање на какви било пречки во реализација на една поголема пред се економска соработка меѓу Москва и Скопје. Но, дали повисоки цели е и решението на статусот на МПЦ? И какво е тоа решение?

Слободата на Јован нема да донесе автокефалност на МПЦ, но ќе разјасни многу состојби на заблуда во јаноста. Слободата на Јован нема ниту да ја спречи најава на СПЦ за расчинување на Архиепископот Стефан. Таа, денес или утре ќе се случи како потреба од нерешен резултат пред пеналите од крајот на натпреварот СПЦ-МПЦ. Во таков случај ќе биде јасна и неговата и  иднината на Вранишковски. Но, ќе биде ли јасена иднината и статусот на МПЦ?

МПЦ е длабоко навлезена во приказната за автокефаност и тука нема простор за многу импровизации. Најавите дека откако Јован ќе излезе на слобода, Руската црква во фази ќе најде решение како посредник во овој спор и тоа оптимистички до 2016 година може да биде многу опасна и манипулативна теза, особено за јавноста. А, ако некои Владици пробаат и да влезат во нејзе, тоа ќе биде почеток на крајот и распадот на МПЦ.

Што е она што е важно? Прво Руската црква, ниту може, а ниту сака да потврди решение за автокфална црква и затоа постојано заговара термин „самостојна”. Но, што е самостојна црква? Таков статус православната црква не познава. Ако за Руската црква решение на проблемот е применување на рецептот со задграничната руска црква, тогаш одговорот од Скопје треба да биде НЕ! Благодарам.

Што е автокефална црква е сосема јасно и прецизно дефинирано и тука нема простор за преговори. Што е она што Руската црква исто така треба да каже дали може да го гарантира? Ништо повеќе, ништо помалку. Дали во диптихот на православни цркви ќе се најде името на МПЦ, а во литургиите останатите православни црки ќе го спомнуваат македонскиот Архепископ?  Ќе има ли право Поглаварот на МПЦ да биде дел од масата на сите рамоноправни поглавари? Секоја останата модификација, инпровизација од типот самостојна, широка автономија, самуправна црква, а која би имала каква било поврзаност со Патријархот во Белград ќе значи духовен геноцид на овој православен народ.

Поправо ќе поддржам унијатство, отколку лажно единство со православието преку шовинистичката Бела Пана во Белград. Кој тоа не може да го разбере во Синодот на МПЦ, веднаш, или да ја соблече мантијата, или да замине в манастир на подолго мирување.

Владиците кои денес раководат со Православнието се луѓе како и сите други. Тие не се гласници на Бог. Така што нивиот став со кој го оправдуваат заложништвото на македонските вреници не е желба на Господ, туку нивна субјективна, егоистична постапка, како што се и  многу други аморални, нечовечки, нехристоијански и скандалозни нивни постапки. Ако тие денеска се нацио-егоисти, утре некои други можеби нема да бидат. И затоа нека никој не се обидува да продава некаква лажна вредност дека благословот на Пахомије, Иринеј, Качавенда е божји, а оној на Пимен, Климент, Јосиф, расколнички.

Марјан Николовски за Денешен

 

 

Оцени ја веста

23.12.2014 - 23:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега