Инвестициите во инфраструктурата ангажираат голем број работници

 

Со изградбата на пругата кон Бугарија, особено кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година кога паралелно ќе се градат двете делници, ќе се зголеми бројот на лица кои ќе бидат ангажирани. Се надевам дека таа бројка ќе биде неколку стотици градежни работници, истакна денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на собраниската седница посветена на пратенички прашања.

Тој посочи дека во моментот во изградбата на автопатот од Скопје до Штип ангажирани се 513 лица од кои 461 се од домашни градежни компании, на автопатот од Велес до Катланово работат над 80 лица, а на автопатот Кичево - Охрид ангажирани се 454 лица. Се работи за огромен број лица кои во моментот работат на три автопати во државата. 

- Со инвестициите во инфраструктурата покрај тоа што се обезбедува добра инфраструктура неопходна за побрз проток на стоки и луѓе, се ангажираат во текот на градбата и голем број работници, рече Јанакиески.  

Во однос на изградбата на локалниот пат Агино село-Романовце, министерот Јанакиески појасни дека тоа е во надлежност на општината и ги повика локалните власти да направат напори за да се изгради овој пат, а за осветлувањето на клучката кон Куманово, одговори дека се планирани средства во Буџетот за 2015 година на Јавното претпријатие за државни патишта.  

На прашање од пратеничката Роза Топузовска-Каревска за вработените во „Еурокомпозит“ од Прилеп кои немаат земено плата неколку месеци, заменик-министерот Христијан Делев одговори дека компанијата почнала да остварува приходи и оти се очекува да им бидат исплатени платите на работниците.

-  Тоа е еден од загубарите што долги години не работеше. Позитивно е тоа што од пред неколку месеци компанијата почна да работи и со извоз. Добар момент е што компанијата веќе остварува приходи, односно има средства кои треба да ги добие од извозот со што ќе може поголем дел од заостанатите плати да се исплатени, нагласи Делев.

Тој негираше дека не им се исплатени девет плати, туку оти се работи за пет од кои само една од овој период, а останатите од пред повеќе години.

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ го праша јавниот обвинител Марко Зврлевски дали планираат да организираат обуки за обвинителите за правилна примена на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка бидејќи, како што рече, има примери на отстапување. Како примери ги посочи непостапување при кривични пријави на активисти за човекови права, одбивањето на тужбата од ДОМ за компанијата Југохром...

Зврлевски одговори дека сите судии и јавни обвинители се должни да поминат одреден број часови за да можат да ја извршуваат функцијата, а се организираат и дополнителни обуки.  

- Академијата за судии и јавни обвинители врши интерактивна обука за сите судии и јавни обвинители во текот на годината. Сите судии и јавни обвинители се должни да поминат одреден број часови за да можат да ја вршат функцијата. Покрај ова, Јавното обвинителство и самоиницијативно организира обуки кои особено беа потребни заради примената на новиот закон за кривична постапка, подвлече Зврлевски.

Седницата посветена на пратеничките праша ќе продолжи по редовната едночасовна пауза. 

 

 

Оцени ја веста

25.12.2014 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега