Хрватска им ги простува долговите на 60.000 социјално најзагрозени граѓани

Хрватската Влада одобри спогодба за простување на долговите на 60.000 од своите најсиромашни граѓани, кои на државата и должат до 35.000 куни (4,600 евра), но немат ниту пари, ниту имоти, со кои можат да ги надоместат, пренесе регионалниот бизнис портал SEEbiz.

Според министерот за социјална политика и младина Миланка Опачиќ владината одлука е можност за „нов почеток“ на овие граѓани.

- Ова е голем проект, што Владата го презема дознавајќи ја тешката состојба на извесен број свои граѓани, кои повеќе од една година имаат блокирани сметки, најчесто не по своја вина, туку заради продолжената економска криза, истакна Опачиќ.

Таа прецизира дека станува збор за доброволна спогодба, која ќе биде склучена со банките и телекомуникациските оператори во четири големи града.

Долговите еднократно ќе бидат простени и не може да се очекува Владата да ја повтори оваа мерка, подвлече Опачиќ.

Критериумите за простување на долговите се исклучиво социјални.

Мерката ги засега социјално слабите, инвалидите и граѓаните чии месечни приходи во последните три месеца не надминуваат 2.500 куни (326 евра), немаат заштеди, ниту недвижен имот.

Телекомуникациските оператори ќе им ги простат долговите само на луѓето кои живеат од социјална помош, а на другите категории ќе им го замрзнат долгот во рок од една година.

 

 

Оцени ја веста

15.01.2015 - 16:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега