Малезија се запозна со бизнис капацитетите на Македонија

 

Денеска во Малезија беа презентирани можностите за инвестирање и водење бизнис во Македонија. Со капацитетите на Македонија се запознаа компаниите членки на најголемата стопанската комора во оваа земја.

 Од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот информираат дека се остварени средби со угледни компании на кои се разгледани можностите за организирање бизнис форум на малезиски компании во Македонија.

 Релативно непознатиот пазар од овој регион исто така може да биде добра шанса за извоз на македонски производи. Посветуваме големо внимание на промоција на Македонија во Малезија и овој регион, се со цел добро да ги искористиме сите можности за инвестирање и промоција на извозот, изјави директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида.

 Во април годинава во Малезија беше остварена средба на директорот на Агенцијата за странски инвестиции и македонскиот промотор Тони Атанасовски со претставници на оваа малезиска комора.

 Малезија, како и другите земји членки на ASEAN, имаат капацитет за инвестирање надвор од регионот, а како посебно таргетирани се компаниите кои веќе имаат потреба од проширување на постоечките капацитети и имаат постоечка соработка и извоз во Европската Унија.

 

најчитано сега