Нуланд: Да се најде решение со кое Македонија ќе може да стане членка на НАТО и ЕУ

 

Американскиот државен потсекретар Викторија Нуланд, задолжена за Европа, изјави дека решавањето на спорот за името ќе биде добро и за Грција.

Зборувајќи за проблемите во транс-атланските односи, Нуланд рече дека САД ќе соработуваат и со новата грчка Влада предводена од ултра-левичарската коалиција СИРИЗА, но додаде дека спорот за името трае предолго и итно мора да се најде решение со кое Македонија ќе може да стане членка на НАТО и на Европската Унија, пренесува МИА.

- Се надеваме дека ќе можеме да се вратиме на дискусијата со грчката Влада и да се обидеме да го решиме долгогодишниот спор, поради кој е невозможно Македонија да биде примена во ЕУ и во НАТО. Продолжуваме да се надеваме дека ќе се дојде до добро решение, бидејќи надминување на овој јаз за членство не е само во интерес за стабилноста на Македонија и на Балканот, туку е во интерес и на самата Грција. Се надеваме и со нив ќе имаме дискусија, рече Нуланд во нејзиното обраќање во институтот Брукингс во Вашингтон што го пренесе Македонската Радио-Телевизија.

Стабилноста на Балканот зависи од продолжување на политиката на отворена врата на НАТО и на ЕУ, додаде Нуланд во обраќањето во кое доминираше кризата во Украина. Нуланд најави и конкретни мерки да му се помогне на Балканот да ја намали зависноста од рускиот гас, доставен преку Украина. За таа цел, Нуланд рече дека САД го поддржуваат градењето на интер-конекциска врска меѓу Бугарија и Грција со што Бугарија би можела да се снабдува со гас увезен преку Атинската постројка за прием на ЛНГ танкери, како и планот да се изгради уште една ваква постројка на хрватскиот остров Крк.

Во решавањето на балканските отворени прашања, Нуланд исто така побара 2015 година да биде година на напредок во барањето решение за статусот на Кипар.

 

 

Оцени ја веста

28.01.2015 - 10:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега