Скопје домаќин на министерски состанок на Партнерската комисија на САД - Јадранската повелба

Во рамки на македонското претседавање со САД - Јадранската повелба,  на 18 јуни 2013 година во Скопје ќе се одржи состанок на Партнерската комисија на ниво на министри за надворешни работи, информираат денеска од македонското МНР.

Состанокот, информираат од МНР, ќе ја одбележи десетгодишнината од потпишувањето на Повелбата, активностите на иницијативата во насока на зајакнување и промовирање на соработката, мирот и безбедноста, во функција на евроатланската интеграција на земјите од регионот и поддршката на САД.

-На состанокот покрај министрите за надворешни работи и високите политички претставници на земјите членки на Јадранската повелба (Македонија, Хрватска, Албанија, Црна Гора и БиХ) ќе учествува и заменик помошникот на Државниот секретар на САД, Филип Рикер, а во својство на набљудувачи поканети се и министрите за надворешни работи на Косово и на Србија, стои во соопштението од МИнистерството.

Согласно активностите предвидени со Акциониот план на македонското претседавање, на средбата ќе се дискутираат модалитетите за засилување на соработката меѓу А5 земјите во пресрет на следниот НАТО Самит, како и можностите за заедничка контрибуција во новата НАТО предводена мисија во Авганистан по 2014 година.

ФОТО: Влада.мк