„Види музика, слушни слика, добиј книга“ во Градскиот парк
Македонската филхармонија и Младинскиот Културен Центар, на 20. јуни, четврток, со почеток во 21:00 часот, во Градскиот парк го организираaт традиционалниот мултимедијален спектакл ВИДИ МУЗИКА - СЛУШНИ СЛИКА - ДОБИЈ КНИГА!!!.
Македонската филхармонија, на чело исклучителниот Timothy Redmond, од Велика Британија, ќе се претстави со концертот, именуван “DISCO FEVER”, исполнувајќи ги најголемите безвременски диско хитови од: ABBA, Gloria Gaynor, Michael Jackson, Bee Gees..., кои моќно ќе прозвучат во нивните симфониски аранжмани. Изборот на музиката падна врз повеќе незаборавни музички нумери кои се добро познати на сите генерации и кои ветуваат спектакуларно музичко доживување.
Спектаклот, ќе го надополнат ликовните перформанси на aкадемските сликари, браќата Емил и Тони Шулајковски, кои ќе сликаат на платна со огромни димензии: 10 х 3 метри, со повеќе големи четки, десетици литри маслени и акварелни бои, што несомнено, како и секоја година, ќе претставува вистинско ликовно празнување за вљубениците во ликовната уметност.
Оваа година, изборот за 20.000 подарок книги е реномираниот македонски поет Никола Маџиров, со збирката песни „Еден ден ќе се сретнеме“.
Книгата „Еден ден ќе се сретнеме“ на Никола Маџиров е избор од досега необјавени песни, и песни, од поетските збирки: „Заклучени во градот“, „Некаде никаде“, „Асфалт, но небо“ и „Преместен камен“.
Мотивот на корицата на збирката песни „Еден ден ќе се сретнеме“ е позајмен од делото „Рибарче“, 1957, на починатиот академски сликар, Иван Велков.