Ставрески: Македонија предвреме го отплати долгот кон ММФ
Македонија предвреме и во целост го исплати долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Со вчерашната трансакција во Вашингтон, префрлена е и последната рата од кредитната линија за претпазливост, вредна 174 милиони долари.
Со тоа, како што соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, заштедени се пет милиони евра на камати и курсни разлики, а подобрен е и имиџот на земјата зашто се намалени јавниот и државниот долг за 1,7 процентни поени.
Кредитот во износ од 312 милиони долари беше земен во 2011 година, а почна да се враќа кон средината на 2014-та.
- За да го пресретнеме ризикот од натамошен раст на американскиот долар и на тој начин да заштедиме пари, направивме опсежни анализи земјаќи ги предвид сите можни сценарија и проценки за натамошното движење на американската валута во однос на еврото по што одлучивме дека е добро и корисно предвреме да се отплатат преостанатите 174 милиони долари, нагласи Ставрески.
Според него, секогаш кога економијата оди добро и кога буџетот има доволно средства, Владата се труди, преку проактивна политика, да стори се за да го намали долгот.
Министерот на денешната прес-конференција информира и дека кредитната агенција Фич го потврди ББ+ рејтингот за Македонија со стабилни изгледи.
- Ова е уште една потврда за добриот резултат на македонската економија и за нејзините добри перспективи, потенцира Ставерски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа