Владимир Пешевски: Креирање и одржување клима на политичка несигурност е крајно неодговорно

 

Креирањето и одржувањето на клима на политичка несигурност е крајно неодговорно, и тоа влијае и на инвеститорите но и на општата потрошувачка, бидејќи е добро познато дека во таква атмосфера луѓето се многу повнимателни. Вака Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски ја коментира актуелната политичка состојба во државата, во интервјуто за Прес24. Најважно вели Пешевски е е целата оваа состојба да се решава низ институциите на системот.

-Важно е да се покаже дека државата има капацитет да се справи и со предизвици од ваков тип, што јас сум убеден и дека ќе се случи. Однесувањето на опозицијата секако дека нанесува сериозна штета не само на економијата, туку и на целото општествено ткиво на земјата. Креирањето и одржувањето на клима на политичка несигурност е крајно неодговорно, и тоа влијае и на инвеститорите но и на општата потрошувачка, бидејќи е добро познато дека во таква атмосфера луѓето се многу повнимателни. Од економски аспект секако дека ова не е поволно, особено доколку целата состојба трае многу долго време, вели Вицепремиерот во интервјуто за Прес24. Тој потенцира дека за сеганема некои значителни пореметувања на состојбите, и покрај тоа што веќе ова прашање е присутно повеќе од еден месец.

-Неколку инвеститори кои што веќе имаа донесено одлука за инвестирање, продолжија и ги објавија почетоците на своите инвестициони активности во земјата. Исто така, сите инфраструктурни проекти кои што беа започнати претходно и понатаму се реализираат со нормално темпо, потенцира Пешевски.

Вицепремиерот смета дека поголеми потреси за регионот, но особено за европската унија може да предизвика Грција, доколку новата влада се одлучи да ја спроведеува политиката за која зборуваше пред изборите.

- Враќањето кон драхмата и банкротот на грчката економија се најлошото сценарио кое може да и се случи и на Грција, но и на Унијата. Не верувам дека со таквото сценарио ќе се надминат проблемите кои Грција ги има на економски план, особено што на тој начин би била доведена во прашање и поддршката која државата ја добива од меѓународната заедница, веки во интервјуто за Прес 24, Пешевски.

Иако Македонија како мала држава нема голема улога во глоаблните економски текови, сепак таа може да биде дел од новиот процес на глобалното преструктуирање на центрите на енергетска моќ. Пешевски во интервјуто не прецизира дали и како Македонија ќе се позиционира во турски Турски тект.

-Во овој момент во светот се случува глобално репозиционирање на земјите во секторот на енергетиката, особено од аспект на енергетските коридири. Нашата улога во овие процеси како држава поради нашата големина е ограничена. Но сепак ние имаме стратегија која е поставена на тој начин што било кој развој на настаните ќе го земе во предвид, вели за Прес 24 Вицепремиерот Пешевски.

Тој потенцира дека и покрај сите овие случувања, Македонската економија бележи резултати. Во ток онтекст се и последните владини проекти кои се онесуваат на трансформација на работниот однос на лицата со договор на дело во неопределено работно време, како и проектот за иновацискиот фонд.

 

ПРЕС24:  Фондот за иновации и технолошки развој го објави првиот оглас. Целта е да се привлечат креативни идеи. Што очекувате од почетокот на ова тело?

ПЕШЕВСКИ: Поттикнувањето на иновациска дејност кај микро, мали и средни, новоосновани претпријатија за забрзан технолошки развој е една од главните цели поради кои се основа Фондот за иновации и технолошки развој. Токму во таа насока, Фондот треба да овозможи поддршка за развој кој се темели на трансфер на знаења, развојни истражувања и иновации кои придонесуваат за економски раст и развој, но и подобрување на деловната клима за подобра конкурентска способност на претпријатијата. Ова всушност е вградено и во самата мисијата на Фондот.

Преку Фондот, ќе бидат поддржувани иновативни проекти кои имаат комерцијален потенцијал. Со првиот оглас, кој веќе е распишан, ќе се распределат 600.000 евра преку четири инструменти: кофинансирани грантови за старт-ап, спин-оф трговски друштва и иновации, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, кофинансирани грантови за трансфер на технологии и техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори, за кои оваа година се предвидени средства во износ од 2.280.000 евра.

Очекуваме Фондот да го пополни јазот помеѓу понудата и побарувачката за ризичен капитал, односно да овозможи финансирање наменето за почетни бизниси и за иновативни проекти кои имаат неизвесен исход во моментот на планирање и креирање. За претпријатијата кои внесуваат иновации постои многу поголема веројатност дека ќе извезуваат, како и дека ќе го зголемуваат обртот и профитите по воведувањето на иновации, што позитивно ќе се одрази на нивните економски резултати. Затоа, работата на Фондот ќе биде во насока на подигање на свеста кај компаниите за потребата и придобивките од воведувањето на иновации на нивните производи, процеси, маркетингот и организацијата.

ПРЕС24:    Како ќе се оценуваат идеите?

ПЕШЕВСКИ: Оцената на проектите се одвива преку Комитетот за одобрување инвестиции составен од пет експерти со повеќе од десетгодишно меѓународно искуство во процесот на инвестиции во иновации. Овој Комитет има одлучувачка улога во процесот, водејќи се според критериумите, како што се: иновативност на проектот, потенцијал на пазарот, капацитет на менаџерскиот тим, квалитет на проектот, соодветност на предвидените трошоци.

ПРЕС24:   Кој е крајниот ефект кој треба да се постигне? Дали ова тело може да прерасне во еден центар за финансирање и развој на научната мисла?

ПЕШЕВСКИ: Фондот е новооснована институција која започна да функционира од крајот на 2013 година. Зајакнувањето на капацитетот и градењето на систем кој ќе обезбеди високо квалитетни услуги за компаниите, пред се ќе зависи од потребите на компаниите. Во зависност од потребите, во иднина можно е да се размислува и за проширување на палетата на финансиски и нефинансиски услуги кои Фондот ги нуди кон претпријатијата.

Во таа насока, развојот и растот на Фондот ќе биде тесно поврзан со проактивноста на бизнис заедницата во Македонија. Се разбира дека ние очекуваме Фондот да заземе централна позиција за развој на националниот иновациски систем на државата. Фондот треба да биде централна институција за развој и спроведување на националната политика за иновации и технологии.

Се надеваме дека Фондот ќе влијае позитивно врз соработката помеѓу научноистражувачките и високообразовните установи од една страна и бизнис секторот од друга страна. Ваквата соработка во иднина би овозможила развој на партнерства и капацитети за подготвување на конкурентни предлог проекти кај компаниите и научниот сектор. Со тоа би се извршила диверзификација на изворите на финансирање и би се отворила можност за добивање на финансиска поддршка од ЕУ фондовите, од приватни инвеститори и од други меѓународни финансиски институции.

ПРЕС24:Пред две неделеи  владата го објави новиот оперативен план за намалување на невработеноста. Целна група и овој пат се младите. Дали досегашното искуство дава надежи дека ова е добар пат за обезбедување на работно место за младите?

ПЕШЕВСКИ: Владата на Република Македонија во изминатиот период, во рамки на политиките за вработување посебен акцент даде на зголемувањето на вработеноста на младата популација. Оперативниот план со активни програми и мерки за вработување, кој го реализира Агенцијата за вработување на Република Македонија, беше изменет и дополнет со цел издвојување на посебни мерки и програми за вработување на младите невработени лица на возраст до 29 години. Измените беа во насока на зголемување на износите на средства кои се одобруваат во Проектот самовработување со кредитирање и Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица до 29 г. Со ова очекуваме дека уште повеќе ќе се зголеми мотивираноста за користење на овие програми и мерки.

Во 2014 година, за Проектот самовработување со кредитирање, се објавија шест повици на кои барање поднесоа 503 кредитобаратели за вработување на 597 лица. За Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места во 2014 година, поднесени се вкупно 210 апликации за вработување на 316 млади лица. Имајќи ги предвид овие податоци, но и заинтересираноста кај работодавачите и кај младите лица за искористување на мерките и програмите за вработување, очекуваме во 2015 година, трендот да продолжи со зголемен број на апликанти и зголемен број вработени млади лица.

Во тој контекст, со Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување за 2015 г. се предвидуваат мерки со кои ќе бидат опфатени над 16 илјади невработени лица, од кои, најголем дел, околу 5 илјади треба да бидат млади невработени лица до 29 години. Охрабрувачки податок е интересот кој го имаат фирмите за вработување на овие лица поради ослободителните околности по однос на обврските за плаќање придонеси.

ПРЕС24:Паралелно Владата покрена иницијатива за трансформација на лицата вработени со договор на дело во редовен работен однос. Колкави се првичните процени за колку лица станува збор?

ПЕШЕВСКИ: Со овој закон се решава еден огромен предизвик кој го имаше една, слободно можам да кажам, неколку илјадна популација на граѓани и индиректно и предизвик за нивните семејства.

Со Законот за трансформација во редовен работен однос, се обезбедува решавање на статусот на овие лица кои се ангажирани по основ на волонтерски договори, договори за дело, авторски договори или друг вид на договор во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија.

Според нашите проценки станува збор за повеќе 3.000 лица кои се вработени во државните институции, по однос на определено работно време, волонтери со договори, договори на дело или авторски договори. Сите тие ќе бидат вработени на неопределено време. На ваков начин едновремено се зголемува нивната одговорност во извршувањето на работните обврски и задачи, а од друга страна се обезбедува и адекватно социјално осигурување (пензиско и здравствено) на овие лица и остварување на сите права од редовен работен однос, што се разбира ќе влијае позитивно и на продуктивноста, ефикасноста и ефективноста на трудот.

ПРЕС24:Во јавноста се појавија сомнежи околу тоа дали овој процес ќе биде правичен. Има ли критериуми како да се отстранат сите сомнежи околу тоа на кој и како ќе му биде трансформиран работниот однос?

ПЕШЕВСКИ: Секако, законот е јасно и прецизно дефиниран.

Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани најмалку три месеци и тоа заклучно со 30.11.2014 година, а и во моментов се активно ангажирани на работа во институциите, да можат да го остварат правото за засновање на редовен работен однос, односно работен однос на неопределено време.

Приоритет за стапувањето на сила на договорите за редовен работен однос ќе имаат лицата кои се ангажирани во институцијата најдолг временски период, односно оние кои најдолго се ангажирани ќе бидат најпрво воведени во редовен работен однос и први ќе бидат редовно вработени.

Поради фискалниот ефект, стапувањето на сила на договорите за вработување и воведувањето на лицата во редовен работен однос е предвидено да се реализира во три групи. Тоа ќе се врши етапно во три периоди и тоа: веднаш ќе бидат воведени во редовен работен однос 35% од ангажираните лица, следните 35% од ангажираните лица ќе бидат воведени во редовен работен однос од 01. 12. 2015 година и останатиот број на ангажирани лица ќе бидат воведни во редовен работен однос од 01.09.2016 година.

Важно е да се истакне дека во периодот до стапување на сила на договорите за редовен работен однос лицата нема да останат без приходи. Тие и понатаму ке бидат ангажирани во институцијата на начинот на кој и во моментот се ангажирани, со волонтерски договори, со договори на дело, авторски или друг договор и ќе добиваат паричен надоместок по основ на тие договори.

ПРЕС24:Изминатиов период беа најавени неколку можни нови странски директни инвестиции. До каде се нивните реализации?

ПЕШЕВСКИ: Доколку се разгледа приливот на странските директни инвестиции во државата во период од неколку години, може да се каже дека 2014 година беше една од најуспешните како никогаш досега, но очекувањата за оваа година се уште поголеми. Имено, дел од компаниите почнаа да инвестираат, а дел ги донесоа и објавија одлуките за инвестирање. Најголем показател за тоа е скорешниот договор за реализирање на инвестицијата вредна 20 милиони евра на компанијата Гентерм во индустриската развојна зона Прилеп, која ќе вработи околу 2.000 лица, а производствениот капацитет ќе опфаќа површина од 21.500 m2 .

Во моментов се разговара со поголем број на странски компании кои зависно од нивните производствени активности и планови, треба до средината на оваа година да донесат конкретни одлуки. Со некои од компаниите преговорите се во завршната фаза, па може наскоро да се очекува објавување на уште странски директни инвестиции во нашата земја.

Очекувањата се дека оваа, 2015-та година ќе биде уште подобра со оглед на тоа дека кризата речиси е завршена, а Македонија станува се поинтересна бизнис дестинација, препознатлива по поволниот инвестициски пакет кој го нуди на странските компании.

ПРЕС24:Македонија е една од ретките држави која изминативе години вложи многу напори и средства за реализација на проектот Инвест ин Мацедониа. Овој проект честопати беше критикуван од македонската опозиција, но од странските експерти, но политичари, како српскиот Премиер, беше оценет како одличен модел. Дали од денешна дистанца, ако се направи анализа, може да се констатира дека идејата за бизнис форуми во светот ја промени сликата за Македонија?

ПЕШЕВСКИ: Овие бизнис форуми претставуваат одлична можност за презентирање на Република Македонија, како една од најатрактивните дестинации од аспект на трошоците за инвестирање. Постојано ја потенцираме можноста, за инвестиции не само во делот на производството, туку и во останатите услужни сектори. Ние го продолжуваме развојот на овој концепт на слободни зони и во делот на информатичките технологии, во делот на туризмот и во делот на здравството.

Особено е важно што за време на бизнис форумите остваруваме директни средби со менаџерските тимови на глобални компании, на кои детално се презентираат предностите за лоцирање на нивни производствени или услужни капацитети во Македонија. Можам да кажам дека интересот секогаш е задоволувачки за време на презентациите, но и по нив, што во многу случаи резултира со остварување директни средби со компаниите, како и директни посети во Македонија што се разбира, е основа за поконкретни инвестиции.

Сметам дека бизнис форумите досега беа успешно реализирани. Посетивме држави и градови во светот каде има значителен број производствени компании со глобални операции. Со секој одржан бизнис форум нашата земја се промовира низ светот и благодарение на истите Македонија стана повидлива во бизнис секторот. Евидентен доказ за тоа се големиот број на странски инвестиции во Македонија во изминатите години, глобални компании кои успешно оперираат во технолошките развојни индустриски зони низ целата држава.

Компаниите кои веќе работат во Македонија, сами по себе се алатка за промовирање на земјата како атрактивна инвестициска дестинација. Нивниот успех е и наш успех и нивните позитивни финансиски резултати значат придонес за локалниот економски развој. Воедно, работата на овие компании овозможува трансфер на знаења и вештини кај домашните компании и тие претставуваат значаен двигател на економските активности во државата.

ПРЕС24:Странските директни инвестиции, но и економскиот развој на државата, покрај од политичкаата состојба во државата индиректно се поврзани и со состојбите во регионот. Она што во моментов е своевидна политичко-економска нестабилност е Грција. Дали новата политика која Ципрас ја промовира ќе има какви било рефлексии врз Македонија?

ПЕШЕВСКИ: Економско- политичката состојбата во оваа земја- членка на ЕУ веќе подолго време е нестабилна и директно влијае врз состојбите во Унијата. Новините кои ги најави Ципрас на економски и политички план не очекувам дека ќе предизвикаат значајна промена на нивото на директните инвестиции кои доаѓаат од нашиот јужен сосед.

Имајќи предвид дека Европската Унија, вклучително и Грција, претставуваат значајни трговски партнери на Македонија, ние редовно ги следиме економските случувања во Унијата и нејзините членки. Стабилизирањето на политичко - економската состојба во Грција ќе овозможи дополнителен економски стимул за регионот во целост. Оттаму, во наш интерес, но и во интерес на целиот регион е состојбата во Грција што побрзо да се стабилизира.

ПРЕС24:ЕУ и Цирпас се уште бараат начини како да останат на ист колосек, но што доколку Грција го избрее правецот кон враќање на дрхмата и евентуален банкрот?

ПЕШЕВСКИ: Враќањето кон драхмата и банкротот на грчката економија се најлошото сценарио кое може да и се случи и на Грција, но и на Унијата. Не верувам дека со таквото сценарио ќе се надминат проблемите кои Грција ги има на економски план, особено што на тој начин би била доведена во прашање и поддршката која државата ја добива од меѓународната заедница.

Добро е што грчката влада изразува подготвеност за поширок и подлабок процес на структурни реформи кои дефинитивно и се неопходни на државата. Предложениот пакет на реформи од страна на Ципрас беше прифатен од Европската Комисија и овозможи продолжување на меѓународната финансиска помош. Но, за владата на Ципрас останува предизвик да ги усогласи барањата кои пристигнуваат од кредиторите и предизборните ветувања кои беа упатени кон грчките граѓани по однос на мерките за штедење.

ПРЕС24:Во јавноста се почесто се потенцира новиот тек на рускиот гас, по пропаста на јужен тек заради состојбите во Украина. Во овој нов турски тек, Македонија станува важна линија. Колку тоа може да стане реалност?

ПЕШЕВСКИ: Во овој момент во светот се случува глобално репозиционирање на земјите во секторот на енергетиката, особено од аспект на енергетските коридири. Нашата улога во овие процеси како држава поради нашата големина е ограничена. Но сепак ние имаме стратегија која е поставена на тој начин што било кој развој на настаните ќе го земе во предвид.  Проектот за изградба на гасоводниот систем во земјата овозможува и предвидува поврзување со сите соседни држави кои што имаат или планираат да изградат значителна гасоводна инфраструктура, и тоа со капацитетити што овозможуваат и транзит на гасот низ Македонија.

ПРЕС24:Изминатиов месец цената на нафтата на светските берзи, а со тоа и во Македонија падна на најниско ниво во последните години. Сега веќе почнува процесот на раст. Дали државата го искористи овој период на ниска цена на нафтата за зголемување на стоковите резерви?

ПЕШЕВСКИ: Нивото на задолжителните резерви на нафтени деривати се одржува секогаш на законски определеното ниво, така што немаше потреба од некое посебно зголемување на стоковите резерви. Она што е поважно е дека како што доаѓаше на намалување на цената на нафтата на светските берзи, така имаше намалување на цената и кај нас, што значи дека граѓаните ги почуствуваат позитивно овие светски трендови.

ПРЕС24:Неколкупати беше најавувана опцијата за продажба или издавање под закуп на нефункционални држави објекти. Меѓу нив се и неколку поранешни детски одморалишта. До каде е тој проект?

ПЕШЕВСКИ: На оваа проблематика Владата работеше подолг период и претставува директен одговор на барањата на бизнис-заедницата и институциите.

Со продажбата на деловните простории во сопственост на државата на приватниот сектор, ќе се даде дополнителен стимул за можностите за раст во дејностите што ги стопанисуваат. Ова подразбира давање поголеми можности и услови воопшто за подобрување на бизнис климата, но и конкретно на перформансот на деловните субјекти кои ќе аплицираат и ќе ги купат објектите.

Најголем дел од деловните државни простории опфатени со претстојниот оглас се во Скопје 22, по што следуваат Кичево со 11, Куманово 9, Тетово, Битола 8 и Штип 7.

Листата на сите простории, точната локација и почетната проценета вредност ќе бидат објавени во огласот и ќе бидат достапни на веб страниците на Владата и на Министерството за транспорт и врски.

Заинтересираните домашни и странски правни субјекти и физички лица треба да достават апликација за учество на јавните наддавања и банкарска гаранција во висина од 2 проценти од проценетата вредност на објектот. Правните субјекти приложуваат доказ за регистрација од Централниот регистар, а физичките лица за државјанство на Република Македонија. Оној субјект којшто ќе понуди највисока цена на наддавањето ќе се стекне со право да го купи просторот и во период од 15 дена да склучи договор со АД за стопанисување со станбен и деловен простор и да ги уплати средствата во висина на постигната највисока вредност на јавната електронска аукција.

Што се однесува до детските одморалишта, во текот на следниот месец се очекува да биде објавен Јавен повик за продажба на вкупно седум детски одморалишта во Берово, Битола, Крушево, Скопје, Свети Николе и Дојран.

ПРЕС24:Господине Пешевски последниот месец Македонија е во една политичка криза. Како целокупната оваа ситуација со објавувањето на прислушувани материјали од страна на опозицијата влијае и врз економската состојба?

 

ПЕШЕВСКИ:Најважно во овој момент е целата оваа состојба да се решава низ институциите на системот. Важно е да се покаже дека државата има капацитет да се справи и со предизвици од ваков тип, што јас сум убеден и дека ќе се случи. Однесувањето на опозицијата секако дека нанесува сериозна штета не само на економијата, туку и на целото општествено ткиво на земјата. Креирањето и одржувањето на клима на политичка несигурност е крајно неодговорно, и тоа влијае и на инвеститорите но и на општата потрошувачка, бидејќи е добро познато дека во таква атмосфера луѓето се многу повнимателни. Од економски аспект секако дека ова не е поволно, особено доколку целата состојба трае многу долго време. За сега, сепак, нема некои значителни пореметувања на состојбите, и покрај тоа што веќе ова прашање е присутно повеќе од еден месец. Неколку инвеститори кои што веќе имаа донесено одлука за инвестирање, продолжија и ги објавија почетоците на своите инвестициони активности во земјата. Исто така, сите инфраструктурни проекти кои што беа започнати претходно и понатаму се реализираат со нормално темпо. 

 

 

Оцени ја веста

04.03.2015 - 11:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега