Хотел со пет ѕвезди ќе никне во Охрид
Хотел од висока категорија со пет ѕвезди ќе се гради во Охрид. Фирма од Скопје на вчерашната јавна аукција ги купи зградите од поранешната детска болница со површина од 6 700 метри квадратни за 11 000 денари по метар квадратен или вкупно за 1 милион и 200 илјади евра.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, позитивно ја оцени продажбата на двете згради кои достигнаа четири пати поголема продажна цена од почетната и притоа подвлече дека Локалната самоуправа во ниту еден случај нема да дозволи во Охрид да се купува атрактивно земјиште по секоја цена .
- Локалната самоуправа ќе се води исклучиво од долгорочните интереси на градот Охрид и неговите граѓани. Продажбата нема никогаш да се случи според тоа дали на градот Охрид му требаат пари или не доколку таа не содејствува со она што претставува долгорочна стратегија и визија за развој на Охрид. Атрактивното градежно земјиште ќе може да се продава во оној момент кога ние ја определуваме намената на тоа земјиште, а која што намена треба да биде во интерес на идниот развој на градот, потенцира Бакрачески, кој се осврна и на неодамнешната продажба на градежната парцела во УЗ 1 со големина од 201 м2 и површина за градење од 90,9 м2.
- Продадени се 201 метар квадратен по цена од 51 000 денари за метар квадратен односно вкупно за 10 милиони 251 илјада денари. Според моите податоци таа е една од најголемите цени постигнати за продажба на градежно неизградено земјиште во Р. Македонија. Оваа продажба по горе наведената сума е спротивна односно ги демантира ставовите на некои од опозиционите советници во градскиот Совет кои во изминатиов период се обидуваа да ја изманипулираат јавноста дека таа парцела ќе биде продадена за само 20 евра. Реално ова земјиште е продадено за дури 40 пати поголема сума од онаа за која што тие зборуваа. Притоа 80 % од приходите од продажбата ќе бидат за општина Охрид а 20 % за Р. Македонија, истакна градоначалникот Бакрачески, пренесе Курир.
Продажбата на државно градежно земјиште во Охрид кое не се реализира по секоја цена и е определено од долгорочната стратегија за развој на градов позитивно ќе се одрази во приходната стапка во структурата на буџетот на општина Охрид.
Еден дел од добиените средства може да се наменат за враќање на големите наследени долгови на општина Охрид, а дел за реализирање на одредени проекти кои што се предвидени во програмата за работа.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа