Павле Трајанов: Потребна е платформа за системска контрола на службите

 

На македонските безбедносни служби им е потребна реформа и зајакнување на модалитетите на цивила контрола. Поранешниот минситер за внатрешни и еден период дел од структурите на полицијата, сега пратеник, Павле Трајанов во интервју за Прес24, вели дека треба да се најде начин како да се прекине злоупотребата на тајните безбедносни служби во политичко паартиски интереси и тие да станат инструметнт во корист на државата, а не на партиите. Трајанов предлага мерки за деполитизација.

- Политичките партии треба да изградат заедничка платформа за остварување на системско-цивилна контрола на службите и одговорност (преку високи казни ), за секој што ќе ги злоупотреби истите, вклучително и казни за партиите што вршат притисок врз истите, вели Трајанов во интервјуто за Прес24.

Политичката инструментализација наследена од комунизмот во кој службата за државна безбедност беше ударна тупаница на Сојузот на комунистите и силен инструмент во дискредитацијата и елиминацијата на неистомислениците, продолжи и по осамостојувањето. Искуството вели трајанов покажа дека инструментот на контрола преку Парламентот е недоволен, бидејќи партиите тоа го оневозможуваат.

-Најефикасна и ефективна контрола над СДБ, имаше Парламентот во првиот состав (90-94 година), кога претседател на Комисијата за контрола над СДБ беше Стоиле Стојков. Тие посетија повеќе испостави на СДБ, имаа непосреден увид во V-та Управа, разговараа со оперативци, инжињери и сл. Оттогаш досега контролата е формална, затоа што парламентарното мнозинство ја блокира работата на Комисијата за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, вели во интервјуто Трајанов.

Реформа на службите е потребна со цел зајакнување на нивната прмиарна функција. Трајанов вели дека во овие две децении независност се покажа дека безбедносните служи честопати не беа на ниво на задачата која ја имаат.

-Во изминатите 25 години често пати затаиле, како на пример конфликтот во 2001 година го преспаа и сл. Мора државата да инвестира во јакнење на кадровската структура, современа техника, обука и сл, вели претстедателот на ДС во интервју за Прес24.

Пратеникот од парламентарното мнозинство како излез од кризата која ја наметната опозицијата со аферата прислушување предлага собраниска разсправа и институционализација на случајот.

Психолошко-пропагандната војна која партиите ја водат преку медиумите, во суштина е крајно манипулативна и создава дополнителна конфузија, несигурност и недоверба кон државните институции, посебно во работата на обвинителството и судовите. Затоа предлагам прво, формирање на експертска парламентарна комисија, потоа политички дијалог и расправа во Парламентот и на крај судска завршница, вели Трајанов во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Безбедносните структури повторно се во фокусот на политичките збиднувања во Македонија. Ако се вратиме назад во историјата од осамостојувањето сите поголеми политички ситуации на некој начин се поврзани со структурите на тајните служби. Зошто е тоа така?

ТРАЈАНОВ: Сите потреси се предизвикуваат кога има употреба/злоупотреба на тајните служби и кога со нивните активности се загрозуваат демократските процеси, се влијае врз политичките процеси, се инволвираат во бизнисот, во креирањето на надворешната политика или пак се кршат основните човекови права и слободи. Службата за државна безбедност беше ударна тупаница на Сојузот на комунистите и силен инструмент во дискредитацијата и елиминацијата на неистомислениците. Но, мора да се нагласи дека во службите секогаш работеле интелектуалци со висок степен на професионализам и човечки капацитети и тие во услови на злоупотреба на службата реагирале и тие реакции предизвикувале силни политички земјотреси. Во 1989 година  “Осумината“ во РСВР први се спротиставија на злоупотребите на СДБ и ја најавија демократската пролет и плурализмот во Македонија. Во Турција армијата била предвесник на промените, а кај нас полицијата.

ПРЕС24: Дали тајните безбедносни служби се инструмент, или пак тие се во центарот на креирањето на политиката во Македонија?

ТРАЈАНОВ: Кај тајните служби се слеваат многу важни информации, се прават сериозни политичко-безбедносни проценки и врз основа на тие анализи се насочува работата на државниот врв. Тајните служби, често пати, се иницијатори на одредени крупни политички процеси, без разлика дали тие иницијативите ги пласираат преку државните водства, партиите или медиумите, пред се поради концетрацијата на важни информации, странските искуства или продлабочени анализи и проценки на идните случувања. Сепак, политичките партии ги креираат главните политики, но и во најчест случај ги злоупотребуваат тајните служби за остварување на тесно партиски и лични цели.

ПРЕС24: Кој ги контролира безбедноснните струрктури во Македонија?

ТРАЈАНОВ: Согласно Уставот и законите, цивилна котрола остварува Парламентот, но таа е формална, а не суштинска. Впрочем, така е во сите други држави. Контролата над тајните служби, практично е невозможна, затоа што тие, секогаш се под заштита на партиите што се на власт. Тајните служби се привилигирани, и секој кој е на власт сака да ги употреби и злоупотреби, преку нив да собира информации за политичките противници, за бизнисмените, “вождот“ да има информации за своите соработници и сл. Злоупотребата е присутна насекаде, но посебно во државите со послаб демократски капацитет, односно држави со авторитарно владеење и сл.

ПРЕС24: Ја има ли моќта Собранието, а воедно и капацитет да воспостави некаква контрола на овие структури. Ве прашувам во контекст на резултатите на онаа собраниска комисија за контрола?

ТРАЈАНОВ: Најефикасна и ефективна контрола над СДБ, имаше Парламентот во првиот состав (90-94 година), кога претседател на Комисијата за контрола над СДБ беше Стоиле Стојков. Тие посетија повеќе испостави на СДБ, имаа непосреден увид во V-та Управа, разговараа со оперативци, инжињери и сл. Оттогаш досега контролата е формална, затоа што парламентарното мнозинство ја блокира работата на Комисијата за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана.

Комисиите можат да отвораат суштинска контрола ако за тоа партиите имаат демократски капацитет, ако во работата на комисиитев се вклучат експерти и ако имаат разработена стратегија и методологија за работа, како и одговорност за сите што ја опструираат контролата.

ПРЕС24: Колку оваа политичка криза може да биде доволна причина за темелна ревизија на безбедносните служби во државата?

ТРАЈАНОВ: Службата за безбедност (УБК, Агенцијата за разузнавање и Военото разузнавање), во основа се поставени да извршуваат сложени безбедносни задачи, односно да собираат информации од политичка, економска и воена природа, или пак да ја штитат бебзедноста на државата, поредокот утврден со Уставот и сл. Но, често пати таа улога се изместува. Неопходна е анализа на досегашната поставеност и дејствување и да се креира нов модел на спроведување цивилна контрола над овие тајни служби. Со тајните служби, не смеат да раководат партиски “војници“, туку исклучиво кадри со висок професионален и личен интегритет, со искуство и посветени на извршување на суптилни задачи согласно Уставните надлежности.

ПРЕС24: Што е она што е неопходно да се направи за да се избегне каква било политизација или пак вклученост на службите во политички игри?

ТРАЈАНОВ: Партизацијата на овие служби се враќа како бумеранг врз власта. Треба еднаш засекогаш, партиите да ги тргнат рацете од овие служби и истите да не бидат партиски сервис, туку разузнавачки центри кои работат само за интересите на државата и граѓаните.

Во овие служби треба да работат изградени личности, партиски неопределени, високо остручени, кои зборуваат повеќе странски јазици, луѓе со посебни вештини и со морални вредности. Една од основните карактеристики, лојалност спрема професијата и Уставот треба секогаш да бидат на преден план.

Политичките партии треба да изградат заедничка платформа за остварување на системско-цивилна контрола на службите и одговорност (преку високи казни ), за секој што ќе ги злоупотреби истите, вклучително и казни за партиите што вршат притисок врз истите.

ПРЕС24: Ако од денешна дистанца се анализираат состојбите кој заклучок може да се извлече во поглед на ефикасноста од работата на тајните служби?

ТРАЈАНОВ: Тајните служби во основа ги извршуваат задачите кои им се поставуваат. Но, тие треба постојано од Парламентот, Владата и Претседателот на државата, да добиваат насоки и приоритети. Во изминатите 25 години често пати затаиле, како на пример конфликтот во 2001 година го преспаа и сл. Мора државата да инвестира во јакнење на кадровската структура, современа техника, обука и сл.

ПРЕС24: Како според Вас ќе заврши оваа политичка состојба во државата. Лидерот на СДСМ бара прво политичка разрешница? Можно ли е такво нешто?

ТРАЈАНОВ: Длабоко сум уверен дека само со политички дијалог, отворена, содржајна и јавна расправа во Парламентот, може да се дојде до стратегија за постепено намалување на тензиите и надминување на политичката криза, која има негативно влијание врз евроинтеграциските процеси, стабилноста, владеење на правото, демократијата и економскиот развој. На крај, ќе се оди на вонредни избори и граѓаните ќе го кажат последниот збор. Психолошко-пропагандната војна која партиите ја водат преку медиумите, во суштина е крајно манипулативна и создава дополнителна конфузија, несигурност и недоверба кон државните институции, посебно во работата на обвинителството и судовите.

ПРЕС24: Опозцијата се обидува да го девалвира судскиот систем по секоја цена, тврдејќи дека тој нема кредибилитет. Како во ваква ситуација да се обезбеди првна, транспарентна и непристрасна судска постапка и за случајот Пуч и за случајот Прислушување?

ТРАЈАНОВ: Ние сме во длабока политичка и системска криза. Во таква состојба правосудните институции се во длабока кома и поради партиските инсталации, тие не се во состојба да дејствуваат и носат одлуки согласно законите. Судовите не се резистентни, туку во вакви тешки случаи каде е инволвирана политиката често пати одлучуваат без респектирање на доказите. Затоа предлагам прво, формирање на експертска парламентарна комисија, потоа политички дијалог и расправа во Парламентот и на крај судска завршница.

ПРЕС24: Колку и до кој степен може да има улога меѓународниот фактор во решение на оваа политичка состојба?

ТРАЈАНОВ: Како земја кандидат за влез во ЕУ, мораме да ги респектираме европските стандарди и вредности. Но со овие предизвици мораме сами да се соочиме и истите да ги разрешиме. ЕУ нема да биде клучен фактор за надминување на домашните проблеми и сериозни конфронтации, ако за тоа нема политичка волја кај клучните политички партии во земјата.

ПРЕС24: Многумина упатуваат на тоа дека предвремени избори се најверојатно излезното решение. Но, како да се постигне баланс меѓу барањата на опозицијата и ставовите на власта?

 

ТРАЈАНОВ: Оваа криза ќе заврши со вонредни парламентарни избори, но не сум сигурен дека нешто посебно ќе се “промени“. Во заложништво е Македонија. Ако не преовлада чуството за државност, за одговорност, за иднината на оваа држава и народ, по изборите може кризата да продолжи. Повеќе од јасно е дека треба промени во партиите, во менталитетот на секој политичар, дека интересите на граѓаните и државата, треба да бидат на преден план, а не личните и партиските.

 

 

Оцени ја веста

11.03.2015 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега