Економијата закрепнува со солидно темпо
Економијата закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија на вчерашната седница.
Во соопштението од НБРМ се наведува дека најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, високофреквентните податоци за последниот квартал и понатаму упатуваат на раст на домашната економија, со веројатно слично темпо како и во претходниот квартал, се наведува во денешното соопштение од НБРМ.
- Континуитетот на раст на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, вклучително и преку податоците за градежните работи, кои по шестмесечниот пад во декември значително се зголемија и повторно влегоа во зоната на позитивни годишни промени. Досегашните движења кај показателите за економската активност упатуваат на можност за нешто поголем раст во 2014 година од очекуваниот, се наведува во соопштението од НБРМ.
Во однос на инфлацијата, во првите два месеца од годинава продолжува трендот на намалување на општото ниво на цени во домашната економија, во просек за 1,2 проценти на годишна основа.
- Просечното годишно намалување на инфлацијата во 2015 година е резултат на сите три компоненти на инфлацијата, но доминантен придонес имаат пониските цени кај енергетската компонента на инфлацијата, соодветно со намалувањето на светските цени на нафтата. При присутни пренесени ефекти од падот на цените на храната и енергијата, надолни придвижувања бележи и базичната инфлација, која веќе шести месец по ред е во зоната на негативни годишни промени,се вели во соопштението.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат пад од почетокот на годината, заради предвремената отплата на кредитот од ММФ, користен во рамки на Кредитната линија за претпазливост. Доколку се исклучи овој ефект, велат од НБРМ, девизните резерви бележат благ пад, што е во согласност со октомвриската проекција.
Во однос на кредитниот пазар во февруари се бележи мало зголемување на кредитите на месечна основа што е резултат на зголеменото кредитирање на домаќинствата, иако умерен раст имаат остварено и кредитите на корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во февруари е 9,2 проценти и е над проекцијата за првиот квартал од годинава.
Вкупните депозити продолжиле да растат со исто темпо како и во текот на јануари, при што и нивната годишна динамика на раст во февруари ги надминала очекувањата за првото тримесечје во рамки на октомвриската проекција.
Ликвидноста на банките е зголемена и тие и понатаму имаат зголемен интерес за пласирање на вишокот ликвидни средства во инструменти на Народната банка.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа