Тарчуловски: Ќе победиме и во оваа борба која е борба на аргументи, проекти, мерки и програма
Кога ве гледам денес сите вас овде насобрани сплотени, убеден сум дека уште во нас татни силата на Илинденците, храброста на Партизаните, одлучноста на АСНОМ-ците и мудроста на овој народ македонски.
Ова го истакна Јохан Тарчуловски на денешниот масовен собир на ВМРО-ДПМНЕ во СЦ „Борис Трајковски“.
-Секој ваков собир предизвикува силни емоции кај секој од нас, затоа што ВМРО е нашиот код во гените, нашата историја и нашата светост. Ова е време, кое кај мене буди посебни емоции, бидејќи токму ова време пред 10 години, во 2005 година, упаднаа во мојот дом, ме земаа од моето семејство, од мојата татковина ме однесоа во Хаг, за да ми судат. Да ми судат поради одбраната на татковината! Тоа за мене беа многу тешки моменти. Сите тие години поминати таму, далеку од семејството, од пријателите и од мојата Македонија, означуваат еден многу тежок период во мојот живот. Период во кој секој ден ми се чинеше како година. Но во целиот тој период благодарение на поддршката од сите Вас, благодарение на поддршката од моето семејство, чувствувајќи ја енергијата од секој од Вас од мојата татковина, издржав и се вратив во мојата мила Македонија. И за целата поддршка Ви благодарам, истакна Тарчуловски.
Тој посочи дека таа енергија не движи нас Македонците, таа енергија ќе помогне да победиме и во оваа борба која е борба на аргументи, проекти мерки и програма.
-Ние сме Македонци, својата татковина ја наследивме од нашите предци, и што треба да ја предадеме на нашите деца. И пред себе и пред Бога имаме обврска на нашите деца да им оставиме подобра и попросперитетна држава. Тоа е нашата патриотска обврска. Тоа е нашата обврска кон Македонија. И затоа како патриоти и чесни Македонци Ве повикувам сите заедно, со конкретни дела да работиме за подобро утре на нашата татковина. Како патриоти да ја водиме нашата битка за подобра Македонија, со дела и чест. Тоа е обврска за секој кој е патриот и кој си ја сака татковината. Бидејќи друга татковина немаме. Патриотите со искрена и чесна мисла работат за доброто на државата. За доброто на својот народ и сите граѓани. Во животот постојат моменти кога е потребно заедништво и слога, кога е потребно да бидеме еден покрај друг во интерес на државата. Нас ни е доста од поделби и црни сценарија. Овој народ сака светла иднина, а не мрачни сценарија, рече тој.
Тарчуловски ги повика сите заедно, без разлика на партиска, или верска припадност, да бидат Македонци кои со дела се борат за интересите на Македонија.
„Секоја победа на Македонија е победа за секој од нас. Затоа што ние сме Македонија! Македонија ќе продолжи да победува! Да живее Македонија, обединета Македонија“-порача македонскиот бранител!
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа