Груевски: Силата на ВМРО-ДПМНЕ е во народот, за кого се трудиме и работиме

 

Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, го започна своето обраќање пред толпата народ која присуствува на денешниот собир на ВМРО-ДПМНЕ.

-Кога за првпат до нас допре идејата на некои општински комитети за организирање на ваков настан, помисливме како да го направиме, а да не изгледа на митинг. Знаете опасно е ако изгледа дека правиме митинг, опонентиве ќе си речат, овие тргнаа на избори. И ете проблем. Здравствен за некого, а за друг обврска да смислува изговори како да не учествува на избори. Еве за да им ги скратиме маките на старт, ние одбравме да направиме настан во спортскиот центар Борис Трајковски, спортски центар кој се изгради со помош на оваа Влада, но како што гледам по интересот за овој настан, мислам дека и Партизанска и Илинденска ќе ни беа прекратки за митинг. Но има време за митинзи. Еве, за да им ги скратиме маките им кажувам, не се секирајте, нема избори, нема потреба да се плашите, барем не до толку, истакна премиерот.

Тој додаде дека нема избори, но ќе има одговор, и тоа сериозен одговор.

-Ова е нашиот одговор на СДСМ, силата на ВМРО–ДПМНЕ е во народот, кој не поддржува, во народот кој е со нас сиот овој изминат период, во народот кој ни ги познава слабостите, кој не укорува на грешките, но и кој ни ги знае предностите, народот кој го слушаме, за кого се трудиме и работиме. Ние не сакаме преку ноќ некој да дојде, по можност да е од странство, нели, и да не донесе или остави на власт, и да ни дава разни нелегални, креирани, сценарија на тацна, без да се помачиме, без да знаеме дека сме алтернатива, дека народот е со нас. Не. Тоа кај другиве. Кај нив тоа проаѓа, кај нив се проаѓа. Тие би ја направиле таа работа како што гледаме, што поскоро тоа подобро. Ние сакаме да ја заслужиме довербата. Колку лесна би била политиката ако така би функционирало како што тие тераат, зарем не!? Седи си дома, спој си се со агентурна мрежа, која работи за странци и оп, си мислиш ќе дојдеш на власт. Колку лесно било така, заклучи Груевски.

Премиерот истакна дека народот воопшто не е наивен, дека народот поминал многу во минатото, нашиот народ е мирен, спокоен, семеен, сака сигурна иднина, сака извесност.

-Не дај Боже да му брцнеш во око, или да пробаш да го излажеш и изманипулираш. Тогаш не те спасува  ни странец обвинител, ниту пак нарачани од некого изјави и натписи по странски медиуми, тогаш ни Владе Милчин, ни Фрчко, а Богами ни Супермен не може да те спасат. Кога ќе зацапаш по пат како нивниот, кој што е полн со недоречености, со интриги, измами, сценарија и туѓи интереси, тогаш е многу тешко да се вратиш од тој пат. Тогаш си цело време заложник на тој на кој си му ја продал душата. Нашиот народ не го поддржува тоа. Доказ за тоа се овие луѓе, сите вие во салата и надвор од салата, доказ за тоа се илјадниците писма и пораки кои ги добиваме изминатиов период, доказ за тоа се на крај и истражувањата и анализите, кои очигледно некој не сака да ги објави, а кои јасно покажуваат дека ова не им проаѓа, дека ова не им успева, дека народот ги има прочитано и дека народот во нив не гледа никаква алтернатива. Народот ги слуша, но не ги одобрува, ги слуша но не ги оправдува и поддржува, истакна тој.

Груевски рече дека народот бара од политичарите да бидат одговорни и да им понудат излез, извесност, иднина, проекти, програма, конкретни мерки, работни места, повисок стандард, остварени ветувања, кои ќе значат подобар живот за граѓаните и повеќе можности за секој од нив.

 

 

Оцени ја веста

15.03.2015 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега