Индустријата годинава ќе биде главниот двигател на растот

 

Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов во најновото издание на емисијата „Бизнис 365“ на МТВ, зборува за економскиот раст, проекциите за годинава, што е она што ја движи македонската економија напред пред сите во регионот, како и за курсот на денарот и девизните резерви.

Богов се осврна и на препораката на ММФ и актуелните случувања со Европската централна банка.

Економијата лани растеше со засилено темпо, дали растот ќе продолжи и годинава, кои се очекувањата и кои би биле главните двигатели?

Богов: Да, минатата година ја завршивме со 3,8 проценти економски раст, очекуваме тој тренд да продолжи и оваа година, да се засили на 4,1 проценти. Главните двигатели, покрај оние што беа минатата година, очекуваме засилување и на ефектот од традиционална индустрија, односно од традиционалните сектори. Значи, покрај странските директни инвестиции, којшто минатата година почнаа засилено да растат и традиционалните оваа година веќе треба да го преземат приматот, како носители на растот.

Индустријата фати залет, индустриското производство расте континуирано, дали може да се очекува и дали се тоа охрабрувачки сигнали и за стопанството да влезе во нова инвестиција, а со тоа да порасне и кредитирањето?

Богов: Секако, минатата година, 20 од вкупно 27 сектори остварија пораст во индустријата и тоа е многу позитивно и токму затоа го темелиме и нашиот оптимизам дека оваа традиционална индустрија закрепна минатата година и оваа година ќе продолжи со позасилено темпо и ќе биде главниот носител на економскиот раст, којшто очекуваме да биде малку засилен во однос на минатата година.

Кои се прогнозите на Народната банка и дали може да има корекција на проекциите во нагорна линија?

Богов: Последната наша проекција од октомври минатата година е 4,1 процент и раст на БДП оваа година. Ние веќе го почнавме новиот циклус на проекции, резултатите ќе ги објавиме во првата недела на мај. Ќе видиме кои ќе бидат најновите сознанија, секако имаме нови моменти тука кај економските фактори, кои горе-доле се тука некаде, кај еврозоната очекуваме одредено заживување, дури и самата ЕЦБ ги подобри очекувањата за нивниот раст во оваа година, што позитивно би влијаело и на нашите очекувања. Меѓутоа имаме новина кај политичките случувања во земјата, коишто сепак се ризик фактор, а кои можат да влијаат негативно на движењата во економијата.

Денарот останува стабилен, на какво салдо се депозитите и девизните резерви?

Богов: Депозитите растат нормално, стабилно. Депозитите на население растат годишно со стапка од околу седум до 10 проценти. Охрабрува што тоа минатата година, а продолжува и во првите два месеци од оваа година, растат доста солидно и депозитите на претпријатијата. Во февруари имавме 15 отсто годишна стапка на раст на депозитите на претпријатијата, а тоа покажува дека се подобрува и ликвидносната состојба кај претпријатијата. Девизните резерви се стабилни, според последната бројка некаде околу 2.380.000.000 евра, што е некаде 50-тина милиони пониско од крајот на минатата година, но да не заборавиме во меѓувреме имавме една поголема отплата на кредитот на ММФ од околу 150 милиони евра.

Последната препорака од ММФ е дека Македонија, македонската економија многу подобро стои од земјите на Западен Балкан и расте најбрзо во регионот, кои би биле идните предидвици?

Богов: Добро е кога ќе се слушне и таква независна оценка, значи кога ние кажуваме дека состојбите во економијата се добри, слушаме различни мислења, различни критики, но еве и ММФ и други меѓународни институции навистина кажуваат дека нашата економија е подобра, отколку остнатите во регионот. Секогаш треба релативно да се гледаат работите, значи не сме ние идеални, имаме многу слабости, меѓутоа во вакви околности во светската и европската економија, навситина нашата економија е во доста добра ситуација. Има големи предизвици, тоа се пред се зголемување на конкурентноста на нашата економија, тоа е процес којшто никогаш не треба да запре, креирање на нови работни места. Тоа се структурни реформи, којшто мора да продолжат и мора да се посветиме целосно на нив.

Како гледате на случувањата со Европската централна банка?

Богов: Европската централна банка започна една програма која што се очекува да креира заживување на економијата во еврозоната. Тие ја преземаа таа мерка, прво затоа што имаа дефлација, која не е предизвикана само од странските цени, туку и од ниската слаба домашна побарувачка. Исто така, во последните неколку години, тие имаат кредитен раст којшто е негативен. Се обидуваа со најразлични мерки да го поттикнат кредитниот раст, но не успеваа. Ова е последната мерка со која се надеваат дека ќе го придвижат економскиот раст. Во Македонија имаме поразлична ситуација. Ние имаме дефлациони тенденции, меѓутоа тие се исклучиво поради увозните цени на нафтата и другите главни прехранбени производи, пченица, пченка и други основни производи. Но, истовремено имаме здрава домашна побарувачка, којашто расте, се зголемува од месец во месец. Кредитниот раст минатата година изнесуваше 10%, значи имаме малку поразлични фактори и поради тоа НБРМ не може како што некои заговараат да го примени истиот рецепт како ЕЦБ, да печатиме пари. Ние не може да печатиме пари, и не треба да го правиме тоа. Затоа што ЕЦБ, еврата кои ги печати ги држат не само во еврозоната, туку и во целиот свет. Исто како што беше со доларот. Кога американскиот ФЕД печатеше пари, претходните неколку години, тие долари се раширија насекаде во светот. Ако ние печатиме денари, нашите денари не сака никој надвор од Македонија да ги држи, а и ако внатре во Македонија имаме премногу денари, тогаш ниту нашите граѓани нема да сакаат да држат денари, туку ќе бараат евра. И затоа ние не можеме да примениме такви рецепти. Ние во претходните години ослободивме ликвидност. Таа се зголеми значително во банкарскиот сектор и токму тоа беше факторот којшто услови да заживее кредитирањето минатата година. Значи ние и понатаму ги следиме сите движења и доколку има потреба би преземале и други мерки. Но, во вој момент кредитирањето оди солидно, економскиот раст оди солидно и не гледаме потреба од некои дополнителни мерки за поттикнување на домашната економија.

 

 

Оцени ја веста

24.03.2015 - 09:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега