Мал број компании во Македонија ги водат жени - кои се најуспешните менаџерки?

 

Во Македонија само четири отсто од компаниите ги водат жени претприемачи. Работите во последните 19 години се малку поместени и се останати тие лимити на жени на овие позиции, иако има околу 30 отсто жени кои се на менџерски позиции. Ова го истакнува Лидија Трипуноска, генерална менаџерка на агенцијата „Марили“ која 19. пат годинава ја организира манифестацијата „Избор на најуспешни менаџерки во Република Македонија и дијаспората“.  

Посочува дека има промени во однос на состојбите пред деценија и пол и дека приватниот сектор отвори простор за жената да се најде на менаџерска позиција. - Тогаш беше многу тешко во општествените компании да се биде на менаџерска позиција. Денес е малку полесно, приватниот сектор даде повеќе шанси и постојано откриваме нови успешни жени менаџери. Доказ за тоа е што и немаме повторување на иста жена менаџерка во изборот. Досега се прогласени 190 различни жени менаџерки во Република Македонија, истакна Трипуноска. 

Потенцира дека бизнисот е најкомплексната работа и оти е многу тешко да се биде успешен менаџер воопшто, а дополнително на тоа да е жена, особено на балканските простори каде жената покрај успешните резултати во професијата е и семејна жена. 

Десетте најуспешни во овогодинашниот избор ќе бидат прогласени утре на Манифестацијата во чии рамки денеска се одржа тематски ден посветен на тема „Здравјето и убавината во функција на современата жена“.

Трипуноска истакна дека овој тематски ден, што се одржува денеска, е инспириран од најуспешните жени менаџерски со кои комуницираат и кај кои ги детектираа оние проблеми што се јавуваат на нивниот пат кон успехот. 

- Жената менаџер е многу оптоварена. Таа сака да постигне високи професионални резултати, но сака да одговори и на приватните обврски кон семејството и  понекогаш во таа своја трка и динамика со ова време таа заборава на своето здравје пред се, рече Трипуноска и додаде дека жената менаџерка мора да води сметка да биде убава и негувана и оти од тие причини  го организираат тематскиот ден.

 

 

Оцени ја веста

25.03.2015 - 14:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега