Новите инвеститори почнаа со вработување

 

Инвеститорите кои донесоа одлука за инвестирање во земјава започнаа со новите вработувања. Циклусот го отвори Веибо кој почна со вработување на невработените лица во кривопаланечкиот регион. Ова е најголемиот инвеститор во земјава според бројот на лица кои ќе ги ангажира. Во погоните на текстилниот гигант ќе работат дури 5.600 работници од регионот на североисточна Македонија. За старт производство ќе има во стар погон во Крива Паланка каде што ќе бидат реализирани и првите вработувања, а подоцна ќе бидат изградени новите хали во зоната во Ранковце. Од Агенцијата за вработување информираат дека во тек е селекцијата за кадрите кои накоро ќе бидат потребни. Директорот на Агенцијата за вработување информираше дека во тек е селекцијата за кадрите за работа во фабриката, на денешното отварање на канцеларијата во Општина Ранковце.

„Пред се сега работиме само за Крива Паланка, таму имаат објект кадешто можат да вработуваат. Тече селекцијата, врз основа на оние планови ние им праќаме соодветни кадри, си тече селекцијата, си тече вработувањето. Во наредниот период ќе започне и селекцијата за објектите што се планирани во општина Ранковце“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување на Република Македонија.

За регрутирање работници се подготвува и американскиот Гентерм кој гради фабрика за автомобилски делови во Прилеп. Таму ќе работат 2.000 лица, а првиот оглас за вработување ќе биде објавен за неколку недели.

Нови вработувања има и во охридско – кичевскиот регион – по шеесет лица ќе работат во ОДВ електрик во Охрид и КСС во Кичево, а наскоро работници ќе бара и Костал. Производството ќе го шири и Амфенол во Кочани, но и инвеститорите во Штип.

„Нашата политика од почетокот беше да настојуваме да има инвестиции во сите региони. Тоа не секогаш е можно, затоа што крајниот збор го има инвеститорот. Но, кога си упорен и кога создаваш дроби услови, кога има зони и во помалите градови, и кога и во нив важат истите услови, инвеститорите заради добрата работна сила се решаваат да инвестираат таму“ изјави Зоран Ставрески вицепремиер и министер за финансии.

Инвестициите кои се најавени за годинава треба да отворат 13.000 нови работни места, а приоритет на Владата е невработеноста да се намалува во сите региони од земјата.

Ефектот од новите инвестиции не се гледа само според бројот на отворени работни места туку и по извозот. Во однос на лани во првите три месеци од годинава извозот на компаниите од технолошко индустриските развојни зони е зголемен за 28 %. Вкупната вредност на производите кои завршиле во странство надминува 325 милиони евра. Според директорот на Технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо, ваквиот тренд се очекува да продолжи и да го надмине рекордот од минатата година, кој изнесуваше извоз од 1 милијарда и 170 милиони евра. Извозот од зоните во 204 година е за 52% повеќе во однос на 2013 година, а според проценките, на среден рок, треба да се очекува извоз од околу 2 милијарди евра. Извозот од ТИРЗ во вкупниот извоз на Македонија веќе учествува со 31%.

 

 

Оцени ја веста

12.04.2015 - 10:39
Фото: 
12.04.2015 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега