Легнаа на сметка 100 милиони евра за прилепските земјоделци
Следете ги политичарите по тоа што го создаваат за вас, по тоа што го работат да го подобрат вашето секојдневие, по тоа што се обидуваат да ви отворат повеќе можности за вас и вашите најблиски.
Ова го потенцираше премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, зборувајќи пред масовната толпа која денеска се собра во Прилеп на народниот собир на ВМРО-ДПМНЕ.
-Следете ги по тоа што го прават за различните социјални групи, за невработените преку отворање на нови работни места и фабрики, преку изградбата на автопати и локални и регионални патишта, инфраструктура, водоводи и канализации, преку напорите кои ги вложуваат за подобрување на животот и условите за живот на граѓаните. По тоа треба да се ценат политичарите, по нивната програма и по тоа што го работат за вас, дали ја оправдуваат вашата доверба. Овдека во Прилеп, земјоделците, а посебно тутунарите, знаат што значи празни зборови и лажни ветувања од времето кога беше СДСМ на власт, и знаат што е реална поддршка од 1 евро по килограм тутун од ова време на ВМРО. Ги слушнаа и експертите на СДСМ како цинично не нарекуваат земјоделско конзервативна влада, бесни заради нашата помош и поддршка на сиромашниот земјоделец, затоа што тие не го правеа тоа, па сега се слути кога друг го прави, рече премиерот.
Груевски потсети дека лозарите и сточарите и сите други земјоделци знаат низ колку реки жедни помина со СДСМ од една страна и каква поддршка денес имаат од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
-Вкупно над 25 милиони евра годишни субвенции за производителите на тутун во Македонија. Во време на ВМРО-ДПМНЕ на ниво на општина исплатени се преку 100 милиони евра. И кога сум веќе кај земјоделците, да најавам дека во месец мај ќе има нова објава на јавен оглас за доделување на државно земјоделско земјиште за закуп до 3 хектари за општините: Гази Баба, Кисела Вода, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Струга, Крива Паланка, Кочани, Свети Николе, Велес, Гевгелија и секако овде во Прилеп. Само во Прилеп вкупно ќе бидат распределени околу 800 хектари, заклучи Груевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа