Путин потврди: Сноуден се наоѓа на московскиот аеродром
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Едвард Сноуден, човекот кој ја откри американската тајна програма за следење на телекомуникациите, се наоѓа на московскиот аеродром и дека наскоро ќе одлучи каде ќе замина да бара азил.
Путин нагласи дека Сноуден е слободен човек и што побрзо ја одбере својата дестинација, толку подобор за него.
Истовремено, Белата куќа објави дека Русија има законска основа за депортирање на Сноуден на САД.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека доколку неговата земја добие барање за политички азил од Сноуден истото ќе го разгледа, истакнувајќи дека политичкиот азил во секој случај е мерка на хуманитарна заштита.
Русија нагласи дека Сноуден се уште не минал низ процесот за имиграција, така што технички тој се уште не е под руска надлежност.
Сноуден од Хонг Конг допатува во Москва во неделата со авион на „Аерофлот“. Првично се очекуваше тој да замине со авион за Каракас, главниот град на Венецуела, но тоа не се случи.