Васко Ефтов: Заев има шанси да стане Шешељ во Македонија

 

Најавениот протестен митинг на опзоцијата за 17 мај е последната шанса за Зоран Заев. Новинарот, Васко Ефтов во интервју за Прес24, очекува до 17 мај, Заев да повлече серија ризични потези, кои најверијатно ќе бидат на негова штета.

-Реално тој митинг на 17 мај му остана последна шанса на Зоран Заев. Сега има на располагање две недели со бомбите да го радикализира македонското миље, албанската јавност и меѓународната заедница. Но во исто време со таа радикалност да не ги исплаши неопдределените кои не се подготвени премногу да ризикуваат. Тие би протестирале и би ризикувале но тоа да биде во умерени дози, вели Ефтов во интервјуто за Прес24, потенцирајќи дека од почетокот на обелоденувањето на телефонските разговри, досега има значајно поместување на позициите на СДСМ.

- Според  мене имаме значајно "омекнување" на барањата на опозицијата и сега целата опозициска стратегија се сведува на најавениот голем митинг на 17 мај во Скопје. Во овие две недели ќе бидат влечени брзи и рискантни потези, бидејќи Заев веќе нема ниту време ниту голем маневарски простор. Мора да покаже сила на теренот.  Тоа е веќе партија шах во која Заев игра со црни фигури и се наоѓа во цајтнот, вели Ефтов.

Ефтов и денеска, како и пред две години по изборот на Заев за лидер на СДСМ, смета дека партијата е во фаза на распаѓање. Во такви услови, вели Ефтов станува јасно зошто Заев се решил да се поврзе со Верушевски и тие стари удбашки структури.

-Бидејќи тоа беше единствен спас за неговата лидерска кариера. Бомбите имаа тројна улога: Заев да се пазари со Груевски за можни политички отстапки со цел да биде обезбедено негово останување на чело на СДСМ; Да влезе во ризичен процес со помош на бомбите да ја руши владата на Груевски со реална можност од тие бомбашки акции да излезе самиот политички и судски егзекутиран и масакриран; И бомбите да бидат користени во тие внатре-партиски пресметки во СДСМ за да биде обезбедено останување на Заев на чело на партијата, потенцира новинарот Ефтов, чија забранета неодамнешна емисија Во ЦЕНТАР на АЛСАТ М се покажа како предвидување на настаните во Гошинце.

- Забранетата емисија беше предвидување на тоа што може да ни се случи. Но многу поопасна беше емисијата за тоа кој е вистинскиот Џорџ Сорос. Таа емисија го запали алармот. Беше чекан само моментот за егзекуција. И гледате како беше стимулирана таа реакција во албанското миље. Беше создаден амбиент за забранување на емисијата. Амбиентот беше создаван од една соросоидна-фундаменталистичка група. Дел од нивните имиња ќе ги најдете меѓу  членовите на Управиот Одбор на Фондацијата Сорос, а дел во структурите на таа новинарска Фабрика број 2. Затоа немаше реакции ни на ЗНМ, ни на новинарскиот Синдикат, ни на Дуња Мијатовиќ, вели Ефтов, кој потенцира дека денешното новинарство му личи на Џубокс.

- Кој ќе стави паричка во џубоксот потоа ја нарачува песната која ја сака, вели Ефтов до интервјуто за Прес24.

Васко Ефтов кој важи за голем критичар на власта, а сега со етикета како нејзин платеник, во интервјуто за Прес24, ги анализира состојбите на политичката сцена, односите на Црвенковски со Заев, како и причините поради кои се случува кризата во Македонија.

-Срцевината на денешните случувања е Турскиот тек или трасата на носење руски гас во Средна Европа. Се нацртаа сите можни траси и на крај пак се вратија на Вардарско-Моравската Долина како природен пат кој ги поврзува Средна Европа со Блискиот Исток и Јужното крило на НАТО. Беа направени политички преврати во Бугарија. Албанија е природен сојузник на САД. Останува само Вардарско-Моравската Долина. И Македонија како зглобот на целата траса. Тоа е суштината, се друго се нијанси, вели Васко Ефтов во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Пред неполни две години, непосредно по изборот на Зоран Заев за лидер на СДСМ напишавте еден фејсбук статус во кој изразивте сочувство за партијата. СДСМ беше добра партија, слава и. Дали денеска, од денешна дистанца оваа констатација  се претвора во реалност?

ЕФТОВ: Тоа беше дел од една анализа за можни процеси на пе-де-пеизација со кои може да со соочи СДСМ. Или да ја следи судбината на некогаш најсилната албанска партија во Македонија ПДП, која буквалнo исчезна од политичката сцена. Таквата квалификација беше дадена пред изборот на Заев и Шеќеринска на чело на СДСМ. Сакав да предупредам што може да се случува во опозицијата. Времето ги потврди моите стојалишта. Една година по тој мој фејсбук статус, на парламентарните избори во 2014 година, СДСМ имаше за околу сто илјади гласови полош изборен резултат во споредба со предходните парламентарни избори во 2011 година. Тоа беше значајно изборно потфрлање. Тешкиот пораз на ланските избори Заев и Шеќеринска се обидоа да го покријат со бојкот на Собранието и потоа со брз Конгрес за доверба, кој беше свикан и одржан само две недели после изборниот пораз, додека се уште изборната разочараност не беше претворена во пост-изборнo барање оставки. Реално тој процес на себе-спасување Заев и Шеќеринска добро го спакуваа. Добија доверба и купија време. Но длабоко во партијата се случуваа драматични не само политички туку и цивилизациски поделби. Тие поделби одеа длабоко во суштината на самата партија. Од една страна СДСМ на Заев и Шеќеринска се повеќе заличуваше на ВМРО ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски, а од друга страна старата гарда на СДСМ се повеќе жалеше по оној стар СДСМ кој последен пат победил на претседателските избори во 2004 година. Во такви услови станува јасно зошто Заев се реши да се поврзе со Верушевски и тие стари удбашки структури, бидејќи тоа беше единствен спас за неговата лидерска кариера. Бомбите имаа тројна улога: Заев да се пазари со Груевски за можни политички отстапки со цел да биде обезбедено негово останување на чело на СДСМ; Да влезе во ризичен процес со помош на бомбите да ја руши владата на Груевски со реална можност од тие бомбашки акции да излезе самиот политички и судски егзекутиран и масакриран; И бомбите да бидат користени во тие внатре-партиски пресметки во СДСМ за да биде обезбедено останување на Заев на чело на партијата. Затоа и беа тие калкулирања со бомбите и повеќемесечното фемкање дали, кога и како ќе бидат експлодирани.

ПРЕС24: Од 9 февруари, кога Заев ја објави првата “бомба” до денеска поминаа речиси три месеци. Првичната најава на СДСМ беше дека Груевски ќе падне по третата “бомба”. Од тоа до денеска нема ништо. Потоа најавата беше дека Заев планира реалзиација на проектот за објавување на телефонски разговор да трае едно 30 тина дена, според неговата најава. Очигледно е дека како што Груевски не попушта, така правопропорционално продолжува сценариот на СДСМ. Каде го гледате крајот?

ЕФТОВ: Барем досега, има три фази во тој процес. Во првата фаза опозицијата и опозициските медиуми бараа формирање техничка влада. Таа техничка влада потоа се замени со експертска влада која требаше да трае подолго од техничката влада. Или како што велеше еден од стратезите на опозицијата, екпертска влада која би траела најмалку една до две години. Значи тоа немаше да биде влада која ќе спроведе брзи избори, туку влада која би ги решавала некои од отворените прашања во Македонија. Можеби прашањето на името. Значи тука не стануваше збор за терминолошка туку за суштинска промена. Од една страна, со експертска влада која би траела две години, би биле обезбедени две работи: доволна временска рамка во која би пораснал рејтингот на СДСМ и би биле избегнати брзи изборни разврски, како на пример во Бугарија, каде само по една година од напуштањето на премиерската функција,  Бојко Борисов победи на изборите и ја формираше новата Влада. И од друга страна, со најава за решавање на горливите државни прашања таа експертска влада требаше да испрати сигнали и до меѓународната заедница и до албанскиот политички фактор. Оваа фаза траеше до митингот на СДСМ во Универзалната Сала. Денес веќе никој не зборува за техничка или експертска влада. Втората фаза би ја дефинирал како фаза на тестирање на јавното мислење за идејата за можна амнестија. Тој пробен балон прво беше пуштен преку опозициските медиуми, а потоа и преку настапите на Љубчо Георгиевски. Но на сите им беше јасно дека работите се многу далеку отидени и дека амнестијата тешко може да биде ставена на преговарачката маса. И сега сме во третата фаза кога повторно преку опозициските медиуми се става на маса "предлогот" : Груевски да смени неколку министри кои беа најмногу на удар на бомбите, а опозицијата да го прекине бојкотот и да се врати во Парламентот. Ги снема сите барања за техничка влада и сите барања да нема судска разврска за Пуч додека не биде формирана нова Влада и не биде избран нов Јавен Обвинител. Според  мене имаме значајно "омекнување" на барањата на опозицијата и сега целата опозициска стратегија се сведува на најавениот голем митинг на 17 мај во Скопје. Во овие две недели ќе бидат влечени брзи и рискантни потези, бидејќи Заев веќе нема ниту време ниту голем маневарски простор. Мора да покаже сила на теренот.  Тоа е веќе партија шах во која Заев игра со црни фигури и се наоѓа во цајтнот.

ПРЕС24: Дали Гошинце е дел од стратегијата за дестабилизација, или последица на планот за дестабилизација на државата?

ЕФТОВ: Гошинце е од се по малку. Во овие три месеци беше создаден таков амбиент и беа создадени такви очекувања и ако не се случеше Гошинце сите ќе бевме "изненадени и разочарани" од нашите проценки. Да се анализира Гошинце мора да се следи политичкиот рефлекс на јавноста. Во основа таков настан, како овој што се случи во Гошинце, предизвикува или чувство на загриженост за иднината на државата или чувство на револт кај граѓаните. Пред пет или пред десет години ако доминираше чувство на загриженост тогаш растеше рејтингот на СДСМ, а ако доминираше чувство на револт растеше рејтингот на ВМРО ДПМНЕ. Денес и чуството на револт и чувството на загриженост го зголемуваат рејтингот на ВМРО ДПМНЕ. Свесно или несвесно СДСМ оставаше како сарма да се подгрева тезата дека заедно со албанскиот фактор ќе направат се да биде соборена владата на Груевски. За мене тоа е лоша стратегија на СДСМ.

ПРЕС24: Ако резултатите покажуваат дека ефектот од “бомбардирањата” на опозицијата е минимален и ако од друга страна се почести се најавите за мобилизација на народ како средство за притисок врз власта, тогаш дали е возможно сценарио за насилно преземање на власта. Такво нешто впрочем има и во оние скајп комуникации што излегоа во јавноста меѓу Верушевски и Лазаревски?

ЕФТОВ: Во овој момент ефектот на бомбите не е таков каков што очекуваше опозицијата. Во политиката нема брзи резултати. Но реално е да се очекува дека ефектот од бомбите ќе биде видлив за една до две години. ВМРО ДПМНЕ и Груевски за прв пат во последните девет години се доведени во ситуација да објаснуваат и да се правдаат. Ние за прв пат со бомбите слушаме и добиваме информации како од внатре функционира ВМРО ДПМНЕ. Многу митови беа срушени или беа нагризени со бомбите. Тоа е болен процес во структурите на ВМРО ДПМНЕ.  Тие ќе се обидат да ја елиминираат таа опасност со брза судска постапка која треба да биде поголема бомба од самите бомби. Краткорочно таа судска постапка ќе ги стабилизира работите во корист на ВМРО ДПМНЕ. Но среднорочно власта ќе мора да ја плати цената на ручекот со бомбите. На пример, каква одлука ќе донесе Груевски: Ќе ја спасува или нема да ја спасува министерката Гордана Јанкуловска. Или Миле Јанакиевски. Ќе биде ли Јанкуловска носител на изборната листа во втората изборна единица или Ставревски во четвртата изборна единица. Ако одлучи да спасува дел од "бомбардираните" Груевски ќе мора  "долго и широко" да ја објаснува својата одлука. Како што Црвенковски мораше да објаснува зошто не ја прифати оставката на Фрчкоски по извршениот атентат врз Глигоров.  Ако не се спасуваат тогаш како ќе се најде објаснување зошто тие се пуштаат низ вода а бомбите се монтирани и не одговараат на вистината. Тоа нема да биде воопшто едноставен процес. Но на краток рок Заев ќе има проблем како да ги валоризира бомбите и во исто време да не биде брутално прегазен во судска постапка. Ако Заев беше обвинет како соучесник во тој процес за насилно менување на власта, а самото име на акцијата Пуч јасно алудира на тоа, тогаш како власта и Груевски можат да се откажат од судска постапка под притисок ма меѓународната заедница. Тогаш Груевски индиректно станува "соучесник" во процесот на насилно менување на власта. Која е гаранцијата дека ако по втор пат во неговата политичка кариера Заев биде аболициран дека веќе наредниот ден тоа нема да предизвика немири во македонските затвори ( спонтано или организирано ) или по македонските улици со едно единствено прашање: Зошто законите во Македонија не важат идентично за сите нејзини граѓани. Затоа Заев и ја пушти онаа бомба за амнестија на хашките случаи. Поентата е јасна, дека со политичка воља и политичко пазарење ( во форма на автентичко собраниско толкување ) е можно негово амнестирање. За тоа да се случи на Заев му треба народ на улиците. Така и беше најавен митингот закажан за 17 мај. Или како што Заев изјави во Кавадарци, тоа немало да биде митинг после чие завршување тие што митингуваат ќе си заминат дома. Напротив, тие ќе останеле и ќе протестирале се додека не падне владата. Реално тој митинг на 17 мај му остана последна шанса на Зоран Заев. Сега има на располагање две недели со бомбите да го радикализира македонското миље, албанската јавност и меѓународната заедница. Но во исто време со таа радикалност да не ги исплаши неопдределените кои не се подготвени премногу да ризикуваат. Тие би протестирале и би ризикувале но тоа да биде во умерени дози. Ќе видиме дали Заев ќе успее таа фејсбук популација да ја извади на улица. Ако во тоа не успее тогаш неговите шанси за успех ќе бидат многу мали.   

ПРЕС24: Многумина не веруваат во можноста за внатренационален судир меѓу македонците, но затоа опцијата за меѓуетнички судир секогаш е отворена. Каква е вашата проценка?

ЕФТОВ: Ако на масата се ставени двете опции: судска постапка со можно апсење на Зоран Заев или улични протести и паѓање од власт на Никола Груевски тие разврски не се можни без да има внатрешен конфликт во македонскиот етнички кампус. Да ве потсетам на интервјуто на генаралот Тодор Атанасовски, од минатата година, каде тој зборува за процес на егеизација на Македонија. И го изедначува тоа со процесите на србизација или бугаризација на Македонија. Тоа значи дека Македонците со потекло од Егејска Македонија не се Македонци и дека се тие денес окупатори во Република Македонија. Никола Груевски е со потекло од Егејска Македонија. Затоа јас сметам дека опасноста од тие внатре-македонски тензии не треба да ја занемариме и потцениме. Кога зборуваме за можноста за меѓуетнички конфликт јас имам дилема дали треба да зборуваме за меѓуетнички или за меѓуверски конфликт во Македонија. Случувањата во врска со Монструм беа доста индикативни. Се случуваа секој петок по завршувањето на петочните молитви. На протестите беа носени знамиња на Саудиска Арабија. Имаше од 12 до 15 илјади демонстранти а никој не се јави ни како политички водач на тие протести, а ниту пак имаше политички барања од тие протести. И да не заборавиме во тие протести беа напаѓани седиштето на општина Чаир и седиштето на ДУИ во Тетово. Но ајде да прифатиме дека станува збор за меѓуетнички, а не за меѓуверски конфликт. Зарем не ви боде очи онаа постојано пуштање снимки од страна на Зоран Заев каде во приватна телефонска комуникација Албанците се нарекуваат Шиптари. Тоа е опасно играње со оган. Многу опасно. Се ќе биде појасно после најавената бомба за случувањата во врска со Монструм.

ПРЕС24: Да се вратиме на суштината на она што беше најавена “бомба”. Прво Заев на првата прес-конференција излезе со теза дека власта, односно Груевски и Мијалков, организирале масовно прислушување на над 26.000 граѓани. Што од она што излезе во јавноста денеска покажува дека власта е таа која организрала прислушување, а што дека аферата прислушување е опозициона креација?

ЕФТОВ: Со овие бомби станаа јасни три работи. Прво, ни приближно не биле прислушкувани 26 илјади граѓани. Второ, во секој случај станува збор за масовно газење и клоцање на демократијата. И трето, прислушкувале и власта и разни удбашки рестлови од стариот комунистички систем. Во основа тука станува збор за судир на два политичко-капитално-разузнавачки кланови во Македонија. Јас бев еден од прислушкуваните новинари во 2001 година. И единствен не ја тужев државата после тогашната афера Големото Уво. И сега сум меѓу прислушкуваните. Но и овој пат не бев во седиштето на СДСМ да ја земам мојата папка со прислушкуваните разговори. Зошто? И во 2001 година и денес сметам дека политичките разврски не треба да зависат од разузнавачките или удбашките структури кои работат или во корист на власта или во корист на опозицијата.

ПРЕС24: Вториот момент од основата на “Бомбите” беше разоткривање на криминалните активности на власта. Каков е ефектот во тоа?

ЕФТОВ: Во неколку бомби се презентираа индиции за можен криминал на власта: плацевите на Водно, набавката на израелската опрема, корумпирањето на медиумите и можни незаконски постапки во изборните процеси. Меѓународната заедница инсистира на истрага за тие случаи. На Конгресот на ВМРО ДПМНЕ во Куманово, премиерот Никола Груевски самиот најави дека ќе има истрага за содржината на прислушкуваните разговори. Но најголем доказ за криминал на власта ќе биде ако во судската постапка Заев докаже дека власта навистина прислушкувала. Доста Димовска си поднесе оставка на функцијата министер за внатрешни работи бидејќи СДСМ презентираше докази дека таа го нарачала прислушкувањето. Во судската постапка ќе видиме дали Заев располага со такви докази дека овие презентирани снимки се обезбедени од прислушкуваните разговори нарачани од власта. Затоа ние ќе имаме два паралелни процеси: Кој прислушкувал и за содржината на прислушкуваните разговори.  Ако презентира докази, во форма на писмени налози, дека власта прислушкувала Заев ќе биде полковник, ако не презентира такви докази се плашам дека Заев ќе биде политички покојник.

ПРЕС24: И трето, можеби најсуштинско, бидејќи “бомбите” беа презентирани како момент од кој ќе призлезе доказ за масовната кражба на над 200.000 гласа, причина поради која веќе една година СДСМ, односно веднаш по изборите лани, одлучи да го бојкотира парламентот. Во досегашните презентирани “бомби” ниту една не е поврзана со изборите 2014?

ЕФТОВ: Сите презентирани снимки или бомби потекнуваат за периодот до 2013 година. Или додека на чело на СДСМ е Бранко Црвенковски. Нема бомби за периодот кога е Заев на чело на СДСМ. Ако ја прифатиме тезата на Заев дека власта прислушкувала, тогаш значи дека власта прислушкувала само додека е Црвенковски на чело на СДСМ, но власта не прислушкувала откако е Заев дојден на чело на СДСМ. Зошто? Власта се плашела од СДСМ на чие чело е Црвенковски и затоа масовно прислушкувала!? Но власта не се плашела од СДСМ на чие чело е Заев и затоа воопшто не прислушкувала!? Или власта посакувала и работела Заев да биде избран за Претседател на СДСМ!? Ќе биде интересно како Заев ќе ги објасни овие дилеми во судскиот процес и во пост-судската политичка разврска.

ПРЕС24: Ќе биде ли аферата “Заев бомбашот”, најголемата заблуда во македонската посмодерна политика?

ЕФТОВ: Заев покажува фантастична умешност да создава лажен оптимизам во јавноста. Или да бидам прецизен во делот на опозициската јавност која му е наклонета. Тоа е карактеристично за целата негова кариера. Лани тоа го правеше со лажните анкети на Ѓорѓи Спасов, за сигурна победа на Стево Пендаровски на претседателските избори. Оваа година тоа го прави со ширењето лажен оптимизам дека власта ќе падне за три дена по објавување на бомбите. Сега гледате каков оптимизам се шири и се врзува за најавениот митинг на 17 мај. За да инвестирате  и да го дувате балонот полн со лажен оптимизам вие мора постојано да ја бомбардирате јавноста со се поголеми надежи и очекувања. И потоа разочарувањата да ги лекувате со обвинувања за изборен фалсификат тежок 200 илјади гласови. Знаете што е фалсификат тежок 200 илјади гласови? Тоа е како да ја фалсификувате вољата на сите Скопјани кои излегле на гласање или да ја фалсификувате изборната воља на гласачите кои гласале во Струмица, Штип, Прилеп, Битола и Охрид заедно. До кога тоа ќе трае тоа ширење лажен оптимизам? Се додека Заев располага со многу пари. 

ПРЕС24: Вие сте новинар кој во основа прави потемелни анализи, иако честопати вашите ставови многумина ги класифицираат и во теории на заговор. Но, деновиве во медиумите се влече една паралела со настаните од 2001. За воља на вистината многу елементи се идентични. Станува збор за коинциденција, или за исто сценарио?

ЕФТОВ: Значајно се разликуваат ситуацијата во 2001 година и денешната ситуација. Во 2001 година имавме заокружување на стратегијата за финално решавање на албанското прашање на Балканот. И тоа резултираше со Рамковен Договор и нов Устав на Република Македонија. Денес имаме сосема поинаков распоред на силите и интересите. Срцевината на денешните случувања е Турскиот тек или трасата на носење руски гас во Средна Европа. Се нацртаа сите можни траси и на крај пак се вратија на Вардарско-Моравската Долина како природен пат кој ги поврзува Средна Европа со Блискиот Исток и Јужното крило на НАТО. Беа направени политички преврати во Бугарија. Албанија е природен сојузник на САД. Останува само Вардарско-Моравската Долина. И Македонија како зглобот на целата траса. Тоа е суштината, се друго се нијанси. Нијанси кои се лесно разбирливи. Индикативен е фактот дека во својот говор на Конгресот на ВМРО ДПМНЕ во Куманово Груевски ги наброја по име сите држави со кои Македонија ќе има блиска соработка. Ги спомена и Полска и Чешка и Италија и Австија. Не ги спомена Велика Британија и Германија . Случајно? Јас во случајности не верувам. Мислам дека сега ви е јасно како ќе биде решена сегашната политичка криза во Македонија. Затоа јас повеќе верувам дека случувањата во Гошинце многу помалку асоцираат на 2001 година, но случувањата околу Градскиот Трговски Центар многу повеќе асоцираат на македонска верзија на плоштадот Таксим Во Истамбул.

ПРЕС24: Ако е слично сценарио, тогаш не е ли политички дилетантизам да се верува дека на истата финта може да се реализира промена на власта?

ЕФТОВ: Не сум сигурен дека странците посакуваа промена на власта. Повеќе би рекол дека посакуваа намалување на цената на Никола Груевски. Јас досега не слушнав дека САД се имаат откажано од својата стратегија дека ВМРО ДПМНЕ треба да биде дел од власта кога ќе се решава прашањето за името. Сега пазарењето ќе оди по две основи. Прво, да бидат обезбедени гаранции во врска со Турскиот Тек. И второ, до каде ќе оди чистењето во редовите на ВМРО ДПМНЕ. Од тоа со кои држави планира да соработува Никола Груевски, а кои не ги спомена во својот говор на Конгресот на ВМРО ДПМНЕ, станува јасно каде ќе се бараат поддржувачите на пучот на Зоран Заев и која цена ќе мора да ја плати Груевски за да остане на власт. Можеби е индикативна разврската во Бугарија. Бојко Борисов се откажа од сите руски проекти и се откажа од својот најблизок соработник, поранешниот министер за внатрешни работи Цветан Цветанов. Ќе видиме дали истата разврска ќе биде и во Македонија.

ПРЕС24: Тука несомнено се наметнува прашањето за функционирањето на опозицијата. Има ли поделби во опозициските редови. Што значи онаа флоскула на Црвенковски демонополизирање на опозицијата?

ЕФТОВ: Тоа е кажано во писменото обраќање на Бранко Црвенковски пред две недели. Дека СДСМ заради општото добро треба да ја демонополизира опозициската сцена во Македонија.  Но таму беа кажани многу битни работи кои треба да се стават во контекст на таквиот став. Црвенковски зборува за мирни, масовни и ненасилни протести, а Заев зборува за насилно урување на власта. Црвенковски пишува дека "оваа македонска историска драма треба да заврши со избори" на кои ќе биде поразен Груевски, а Заев зборува дека на 17 мај ќе биде соборен Груевски. Црвенковски зборува дека ако СДСМ сака да биде стожер на опозицијата прво мора да се обедини себе си, а Заев кажува дека единството во СДСМ никогаш не било на повисоко ниво. Тоа се драматични разлики. Во таков контекст треба да се толкува ставот на Црвенковски за демонополизација на опозициската сцена. Според мене можат да се извлечат неколку проценки. Прво, Црвенковски не планира да се врати на чело на СДСМ. Всушност и нема каде да се врати бидејќи оваа СДСМ ни политички ни цивилизациски не е на иста бранова должина со Црвенковски. Второ, Црвенковски не верува во капацитетот на Зоран Заев. Трето, можно е формирање на некоја нова форма на Сојузот за Македонија каде Црвенковски би ја имал улогата на Киро Глигоров. И четврто, ми се чини дека ќе има многу, ама баш многу чудни коалицирања во наредниот период. Не само во редовите на опозиција, не само во редовите на власта, туку и во сегменти на власта и опозицијата. Притоа јас не ја исклучувам можноста за формирање на една или неколку нови опозициски партии во Македонија. 

ПРЕС24: Кои се Вашите проценки. Како ќе заврши Заев на политичката сцена во СДСМ, па воопшто и во Македонија?

ЕФТОВ: Зоран Заев или ќе успее со бомбите да го порази Никола Груевски. Или ќе заврши како Војислав Шешељ, а СДСМ ќе заврши како Српската Радикална Странка, да има Претседател кој е во затвор, а со партијата да владее заменикот кого на таа функција го назначува Претседателот. 

ПРЕС24: Колку во ова сценарио Заев е играч, колку е пиун, а колку нечиј портпарол?

ЕФТОВ: Заев свесно влезе во оваа сценарио. За него беше клучно да остане лидер на СДСМ. До локалните избори во Струмица имаше уште две и пол години. Немаше шанса, во блиска иднина, да биде премиер. Но имаше опасност да потоне како лидер на СДСМ. Затоа влезе во пактирање со Верушевски. И стави се на коцка. Без разлика колку е денес слаба СДСМ, да се биде лидер на СДСМ е како да се биде на чело на голема корпорација. Едно е кога вас ве примаат банкарите и големите тајкуни како градоначалник на Струмица, а друго е кога ве примаат како лидер на СДСМ. Бидејќи Заев самиот кажа дека никој од големите директори не ја финансира СДСМ, односно дека тоа го прави тој самиот со својот фамилијарен клан, тоа значеше дека крупниот капитал во Македонија нема голема верба дека Зоран Заев може да биде успешен лидер на СДСМ и иден премиер на Македонија. Во такви услови Заев направи пакт со Верушевски и со структурите на Сорос, бидејќи само на тој начин можеше да остане на чело на СДСМ.

ПРЕС24: Како го толкувате она себеидентификување на Заев кога вели дека “Господ го црпнал од нива и го поставил да ја спасува Македонија”?

ЕФТОВ: Во две третини од интервјуата Заев за себе зборува во трето лице еднина. Тоа веќе не е суета, тоа е состојба на духот во која се наоѓа еден човек.

ПРЕС24: Дали со евентуалниот пораз на Заев ќе биде поразена и Шекеринска, или пак е можно нејзино прструктуирање во најкритичниот момент за Заев?

ЕФТОВ: Шеќеринска ќе направи се да го врати СДСМ во Собранието. Само така ќе ја спаси својата кариера. Мислам дека нејзината кариера не е повеќе врзана за Македонија туку конечно да успее да најде функција во некоја од европските институции: ЕБРД, ОБСЕ или нешто сосема трето.

ПРЕС24: Каква е улогата на Жерновски во опозицијата, ако се земе предвид неуспешниот референдум во Центар, кој некако ја нокаутираше забрефтаната опозициона машина?

ЕФТОВ: Мене ми се смешни очекувањата Жерновски да биде иден лидер на СДСМ или иден лидер на опозицијата. Жерновски не успеа да остане лидер на малата ЛДП и би била голема политичка наивност да биде посочуван како лидер на СДСМ или опозицијата. Но остана нејасен оној дел од писмената преписка меѓу Заев и Верушевски каде Заев прашува што ќе правиме со Жерновски. Сигурно не сакале да му купат лаптоп или автомобил на Жерновски. Но остана нејасно што правеле и планирале во врска со Жерновски Зоран Заев и Зоран Верушевски.

ПРЕС24: Дали Стево Пендаровски е идниот лидер на СДСМ?

ЕФТОВ: Стево Пендаровски има богата полициска кариера. Бил шеф на кабинетот на потсекретарот за јавна безбедност Диме Ѓурев. Бил помошник министер во мандатот на Павле Трајанов. И беше портпарол на МВР во мандатот на Доста Димовска. Ако СДСМ со полициски материјали и со помош на стари удбашки кадри сака да дојде на власт во Македонија, тогаш ќе има ли поголем доказ за моќното полициско влијание врз СДСМ од самиот факт Пендаровски да биде избран за лидер на СДСМ по евентуалното заминување, сменување или апсење на Зоран Заев. Досега две тешки етикети беа залепени за СДСМ. Прво, дека секогаш доаѓа на власт во услови на политичка и безбедносна криза. Второ, дека СДСМ е зависна од влијанието на параполициските и соросовите групи залепени за опозицијата. Стево Пендаровски на чело на СДСМ би ги бетонирал тие ставови како конечни и тешко променливи.

ПРЕС24: Повторно околу безбедноста, но и малку за новинарството. Дали забранетата емисија Во Центар беше предвидување на настаните во Гошинце?

ЕФТОВ: Да, забранетата емисија беше предвидување на тоа што може да ни се случи. Но многу поопасна беше емисијата за тоа кој е вистинскиот Џорџ Сорос. Таа емисија го запали алармот. Беше чекан само моментот за егзекуција. И гледате како беше стимулирана таа реакција во албанското миље. Беше создаден амбиент за забранување на емисијата. Амбиентот беше создаван од една соросоидна-фундаменталистичка група. Дел од нивните имиња ќе ги најдете меѓу  членовите на Управиот Одбор на Фондацијата Сорос, а дел во структурите на таа новинарска Фабрика број 2. Затоа немаше реакции ни на ЗНМ, ни на новинарскиот Синдикат, ни на Дуња Мијатовиќ. Напротив, тие кои пишуваа и протестираа зошто ми беше забранета емисијата на ТВ Алфа во 2012 година, посветена на меѓуетничките тензии, сега молчеа. Можеби во меѓувреме го сменија хороскопскиот знак и станаа риби.

ПРЕС24: Какво е чувството вака кога новинарите “борци за демократија” ве сместија во групата платеници на власта?

ЕФТОВ: Ме сместуваа тие и на други позиции и ме китеа и со други епитети. Во 2012 година ми напишаа колумна дека сум сакал да бидам генерален секретар на СДСМ и дека сум подготвувал пуч за смена на Црвенковски и моја промоција во иден лидер на СДСМ. Таа колумна денес не можете да ја најдете бидејќи во меѓувреме е избришана од архивата на порталот каде беше напишана. Таа хајка трае од 2011 година кога на нивните интерни анкети се појавува моето име со рејтинг веднаш зад рејтингот на Црвенковски. Од тогаш почнува таа харанга против мене. И денес доаѓаме во ситуација тие кои го донесоа Груевски на власт во 2006 година да ме напаѓаат мене дека сум платеник на власта. Додека тие беа како петок и сабота со Груевски мене ми беа забранети две емисии. Затоа во оние бомби на Заев вие не можете да најдете снимка како се забранува некоја емисија на овие денешни големи опозиционери, туку мораа да пуштат снимка како се забранува мојата емисија.

ПРЕС24: Или пак можеби подобро ви годи констатацијата дека критиките на Ефтов кон Заев се критики на Црвенковски кон Заев?

ЕФТОВ:  Има многу урбани легенди. Ова што вие го прашувате е една од тие легенди. Го почнавме интервјуто со вашето прашање за оној фејсбук статус од 2013 година. Јас тогаш го критикував Црвенковски зошто прави се да го донесе Заев на чело на СДСМ. Заев немаше да биде лидер на СДСМ без поддршка на Црвенковски. Од тоа во каква ситуација се наоѓа денес Зоран Заев вас ви стануваат јасни мотивите на Црвенковски зошто тоа го правел. Мојот став и тогаш и денес за Заев е идентичен: Од Зајчев Рид не станува Монт Еверест.

ПРЕС24: Има новинари кои во слободно време практикуваат да ловат риби со политичари. Вие што би преферирале?

ЕФТОВ: Има нова гарда на млади, паметни и убави политичарки. Јас би пиел кафе со нив.

ПРЕС24: Во контекст на етикетирњето како платеник на власта поради Вашите критики кон политиката на Заев и практиката на Заев да расчистува со неистомислениците на начин што јавно им предочува дека ги има во архивата прислушувани разговори. Дали по Тачи и Љубчо може да се очекува молк и од Ефтов?

ЕФТОВ: На 30 декември 2012 година ја добив првата заканувачка смс порака од Зоран Заев. Јас не сум Мендух Тачи да ги објавувам тие пораки. Но самите сте сведоци дека тие закани не биле ефективни. Јас сум денес критичар на власта и критичар на опозицијата. Или што би се рекло во улога на двојна опозиција. Жал ми е што во оваа интервју немаше повеќе прашања за власта. Ќе беше интервјуто поизбалансирано.

ПРЕС24: На што ви личи македонското новинарство?

ЕФТОВ: Денешното македонско новинарство ми личи на џубокс. Кој ќе стави паричка во џубоксот потоа ја нарачува песната која ја сака.

ПРЕС24: Кој за кого одработува? Сорос со своите новинари за СДСМ, или СДСМ за нив?

ЕФТОВ: Амалгамирана е врската меѓу Сорос и СДСМ. Сега се едно-како николица и приколица. Гледате колку "спијачи" се појавија одеднаш на медиумската сцена. Ги немаше никаде со години и сега воскреснаа со емисии, проекти или портали финансирани од соросови, холандски или американски пари. Тоа не може да биде случајно. Пред три недели Владе Милчин го напиша својот Манифест. Последната точка на тој Манифест  е дека СДСМ никако не треба да се откаже од Зоран Заев. Гледате со која жестокост се води оваа политичка битка. Како на живот и смрт. Големи се влоговите и многу кариери ќе завршат неславно после оваа политичка битка. После ова се ќе биде различно на политичката сцена. Ќе има многу чудни, дури и неверојатни коалицирања. Тие ќе бидат јавни или тајни, но ќе бидат ефективни.  

ПРЕС24: Во ценатр заминува во пензија или?

ЕФТОВ: Би бил голем трошок за градскиот буџет ако јас заминам во пензија заедно со емисијата Во Центар и потоа како секој пензионер да почнам да користам бесплатни бањски лекувања или бесплатни билети во градскиот превоз.

ПРЕС24: Преферирате донации од Сорос или субвенции од власта?

 

ЕФТОВ: Досега во емисијата Во Центар немало ниту владини реклами, ниту грантови на Сорос. Јас се обидував да бидам неутрален. Во еден период кога нападите од власта беа посилни јас посилно возвраќав на власта. Кога станаа многу силни нападите од Заев, Сорос и опозицијата тогаш јас се бранев и возвраќав на нивните напади. Знаете како се лупи кромид-со многу солзи. И се чистат лушпите од едната и од другата страна и на крај останува срцевината на кромидот. Сега ќе има многу солзи, многу плачење и многу лушпи кои се фрлени како непотребни и од левата и од десната страна. Јас ќе останам и понатаму да бидам во срцевината или во средината. Така ми се вика емисијата-Во Центар. 

 

 

Оцени ја веста

04.05.2015 - 14:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега