Позитивни прогнози за раст, политичките случувања ќе одлучат!
Сите прогнози на релевантните меѓународни и домашни институции прогнозираат дека македонската економија оваа, а исто и следната година ќе го продолжи трендот на раст на економијата пишува Лидер. Овие прогнози доаѓаат во период кога во регионот на Западен Балкан, економскиот раст стагнира, но од друга страна, во период кога политичките турбуленции се закануваат да го поткопаат овој тренд на раст. Проекциите велат дека македонската економија годинава ќе достигне раст од околу 4%.
Народната банка на Република Македонија е оптимист. Предвидува раст на бруто-домашниот производ од 4,1%. Владата согласно предвидениот буџет за годинава смета на раст од 4%.
Од друга страна, Европската комисија прогнозира раст на македонската економија од 3,8%, кој воедно ќе претставува и најдобар резултат во Европа. Меѓународниот монетарен фонд, пак има идентичен став со Европската комисија и очекува раст од 3,8% на економијата во земјава оваа година.
Европската банка за обнова и развој, во својот последен извештај за економските очекувања е нешто порезервирана, и очекува раст на македонската економија од 3,5% годинава. Но, нотира дека овој раст во регионот на Западен Балкан ќе биде највисок.
Главни двигатели на растот се очекува да бидат инвестициите и извозот, како и капиталните проекти и вложувањето во инфраструктурата. Сепак, и покрај тоа што главните макроекономски показатели во земјава се стабилни, анализите велат дека ризиците за економијата доаѓаат од внатре. Бизнисот веќе реагираше дека политичката ситуација и минатонеделните случувања во Куманово, може да доведе до замрзнување на економијата, а ефектите од кризата во некои сектори, како во туристичкиот и земјоделскиот, веќе се чувствуваат.
Дали економијата ќе „замрзне“?
Експертите велат дека е реално да се очекува дека бизнисмените, како домашни, така и странски, ќе се воздржат од донесување на важни одлуки, доколку ваквата ситуација во земјата продолжи. Економската логика вели дека никој инвеститор нема намера да го троши својот капитал во состојба на политичка нестабилност и несигурност. Аналитичарите, сепак не очекуваат странските инвеститори да го повлечат капиталот, бидејќи таков радикален потег би направиле само ако нивната работа на овие простори е целосно оневозможена.
Ако растот на економијата за годинава се темели токму врз странските инвестиции, со новонастанатата ситуација, тој се става по1д знак прашање, бидејќи инвеститорите ќе почнат да ги преиспитуваат своите одлуки, велат од бизнис- заедницата.
„Сите овие проекции кои ги имавме, сега во наредниот период ќе треба да се земат со резерва поради новонастанатата ситуација и се надеваме дека ќе бидат остварливи во периодот кој следи“, велат од Сојузот на стопански комори.
Бизнис – секторот стравува дека ќе биде во можност да испорача ваков резултат во актуелниот амбиент. Странските нарачки почнаа да се откажуваат, а се намалува и потрошувачката. Политичката криза сериозно му се заканува на бизнисот, а дел од компаниите веќе имаат директни штети.
„Апелираме што поскоро да се најде решение на политичката криза, бидејќи се намалуваат нарачките однадвор“ – вели првиот човек на Раде Кончар, Аце Антевски.
Неизвесноста околу политичките случувања негативно ќе се одрази врз домашната економија.
Од Народната банка велат дека движењата се следат, а доколку е потребно ќе бидат направени и соодветни промени во монетарната политика.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа