Политички ветувања наспроти економски резултати

 

Враќање на средната класа, забрзан и одржлив развој, подобрување на животниот стандард, стабилен девизен курс, ниска инфлација, реален буџет согласно финансиските можности, зголемување на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти, привелекување странски инвестиции. Ова се дел од основните начела и ветувања во економскиот дел од програмата на опозициската СДСМ. Во услови кога политичката битка се заострува, Лидер анализира што може оваа партија да им понуди на граѓаните и што како багаж влече од минатиот мандат.

Неуспесите од минатото отвораат сомнеж за иднината

Во делот на пазарот на трудот СДСМ има огромен багаж. Државниот завод за статистика регистрира дека во нивно време е достигната највисоката стапка на невработеност, која во 2005-та година изнесуваше фрапантни 37,3 проценти, а од активното население без работа биле 323.934 луѓе. За споредба, сега стапката на невработеност во Македонија е на историски најниско ниво од 27,6 проценти.

Уште еден лош резултат е врзан со владеењето на СДСМ.  Во 2004-та година е регистрирана и најниската стапка на вработеност во историјата на Македонија!

Заканите за „јадење живи луѓе“ и бркање на административците само отвора сомнеж дека бројката на невработени под капата на СДСМ би одела нагоре.

Дополнително, партијата ветува мерки што веќе се реализираат. На пример, се наведува дека кога ќе дојдат на власт ќе се финансираат обуки за млади лица и невработени во постојни и нови компании, ослободување од плаќање придонеси за сите работодавачи кои ќе обезбедат вработување за млади до 29 години. Оваа мерка веќе подолг период се реализира во земјава од актуелната влада преку Агенцијата за вработување и дава резултати, а во меѓувреме целиот концепт се надгради и прерасна во проектот „Македонија вработува“, преку кој е предвидено да се реализираат 20 илјади вработувања.

Приватизацијата – клучен хендикеп!

Неуспешната приватизација по која пропаднаа огромен број капацитети, а според проценките околу 200 илјади луѓе останаа без работа е главното црно петно на СДСМ. Партијата од голем број работници, но и од политичкиот опонент е обвинувана дека е главниот виновник за тоа што се случуваше во тој период. Оттука и ветувањето во програмата изгледа сосема нереално и гласи:

„Целосно ќе го решиме проблемот со стечајните работници! Ќе обезбедиме паричен надомест за сите граѓани кои останале без работа поради приватизација на претпријатијата со општествена или државна сопственост“.

Како да се убедат граѓаните во подобра иднина?

Главно ветување на политичарите е дека ќе го подобрат животниот стандард во земјава, а за тоа да се случи потребни се нови инвестиции и нови работни места. СДСМ и тука заостанува. Народната банка нотира умерени СДИ до 2007-та година (во просек 3,3% од БДП), а интензивирање на СДИ до 8,5‘% по 2007-та година. Во 2007-та е постигнат рекордот од 506 милиони евра, за следната година да влезат 400 милиони, за разлика од најдобрата година во мандатот на СДСМ од 260,7 милиони во 2004-та. Дополнително, во изминатиов период Македонија успеа да привлече компании од висок профил, со технолошко напреден начин на производство кои креираат врски со домашни фирми и создаваат дополнителна вредност на инвестицијата.

Кога е во прашање растот на домашното стопанство, тогаш повторно резултатската предност е на страната на ВМРО-ДПМНЕ.

На чело со оваа партија Македонија успеа да врзе неколку години со висок економски раст. Дојде големата криза, но земјава го издржа налетот и сега веќе се враќа на старите патеки. Лани имавме раст на БДП од 3,8%, со прогнози дека годинава ќе имаме најдобар резултат во Европа, кој според НБРМ ќе достигне 4,1%.

Во делот на капиталните проекти, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во голема предност. И покрај обвинувањата, факт е дека во земјава се градат три клучни автопатски делници (едната го комплетира Коридорот 10, втората е врска кон Охрид и третата е главна артерија за источниот дел од земјава). Тргнува и проектот со парите од ЕБОР за магистрали Градско – Прилеп, Штип – Кочани, Охрид – Пештани, но и за автопат Струга – Требеништа. Почна да се гради пругата кон Бугарија, што во времето на СДСМ беше само ветување, се гради магистрален гасовод, се вложува во енергетиката. Според Владата, една од можните причини за политичката нестабилност во земјава е поврзана и со економските резултати.

„Нашите напори на полето на економијата даваат одлични резултати и можеби сето ова што се случува во Македонија некому не му одговара и затоа иницира сценарија кои сега се случуваат“ – рече неодамна премиерот Груевски.

 

 

Оцени ја веста

21.05.2015 - 09:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега