Како да влезете на американскиот пазар
Во понеделник, 25 мај, со почеток во 19 часот, во М6 Едукативниот центар во Скопје, г. Крис Бари, експерт за влез на компании од Европа на пазарот во САД, ќе одржи предавање на тема „Како вашата компанија да влезе во Силиконската долина?“.
Станува збор за еден од најбараните предавачи во Европа изминативе години, експерт кој заедно со својот тим на соработници има поддржано над 1.200 компании, во изминатите 17 години, и на кои им помогнал да го развијат својот бизнис. Неговото доаѓање во Македонија е дел од напорите и активностите на Њу Менс Бизнис Акцелераторот кој постои 10 месеци и работи на релација Скопје – Лос Анџелес и е прв акцелератор основан во Република Македонија, со цел да им помогне на компаниите од Македонија и регионот да се позиционираат на американскиот пазар.
Како Вашата компанија може да влезе во Силиконската долина? Кој е патот на успехот до американскиот пазар? Ова се само дел од прашањата на кои ќе може да се добијат одговори во понеделник.
Освен предавањето кое е во вечерните часови, г-н Бари во текот на денот ќе има индивидуални менторски сесии со четири македонски стартапи, кои се дел од Центарот на NewMan`s Business Accelerator, и кои имаат најголем потенцијал за ширење на бизнисот во САД.
“За време на престојот на господин Бари во Македонија ќе разговараме за деталите околу идната соработка и ќе идентификуваме компании од Централна и Источна Европа кои имаат потенцијал за глобален раст и нивна соодветна поддршка на тој пат“, вели Ирена Чаушевска, директор на „Њу Менс Бизнис Акцелератор“.
Вообичаено, компании надвор од САД кои сакаат да влезат во Силиконската Долина, за остварување на таа цел им се потребни 1-2 години и помеѓу 1 и 2 милиони долари, при што само 20-30% од таквите успеваат да ја остварат зацртаната цел.
Предавањето е наменето за компании од Централна и Источна Европа, стар-ап компании и млади претприемачи, кои планираат да го развијат својот бизнис во САД.
Котизацијата за присуствување на предавањето е 20 евра за уплати до 20 мај, односно 30 евра за уплати до 25 мај 2015.
Њу Менс Бизнис Акцелератор е македонска компанија која овозможува поддршка, тренинг и менторство на основачите на старт-ап и спин-оф компании од целиот регион како и специјализирани обуки за стручно оспособување во 9 различни области преку 3 академии, и тоа за компјутерски науки, креативни технологии, мрежи и сајбер безбедност во рамки на кои досега се одржани преку 2000 часа настава по 80 различни предмети. Њу Менс е лоциран во Скопје на простор од 300 м2 и соработува со 26 тренери и 12 ментори при изведувањето на своите програми. Акцелераторот досега има реализирано и над 40 бесплатни инспиративни и едукативни сесии за професионално насочување на младите од Македонија, на кои имаат присуствувано над 1.800 учесници.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа