Странските инвеститори задоволни од локалните компании
Странските инвеститори во земјава имаат остварено заемна корисна соработка со стотици локални снабдувачи. Задоволни се од добрата и услугите кои нивните компании моментално ги набавуваат локално, но и оние кои би сакале да можат да ги набават локално по глобално конкурентна цена, квалитет и период на испорака, пренесува МИА.
Ова беше наведено на денешната средба на Американската стопанска комора во Македонија на тема „Соработка помеѓу странските инвеститори и локалните снабдувачи во Република Македонија“, на која три компании членки, меѓу другото, информираа за своето работење, палетата на нивни производи и пазарите на кои тие ги пласираат, пренесува МИА.
Посочија дека клучни проблеми со кои се сочуваат при соработката со локалните снабдувачи се недостигот на меѓународни стандарди за квалитет и заштита при работа, нетранспарентното работење и непочитувањето на строго одредените процедури.
Како што беше истакнато на информативната сесија која втора година по ред ја организира Американската стопанска комора во Македонија, континуираното одржување еднаков квалитет на испораките/изведбите и конзистентноста и одржливоста на пазарот на локалните снабдувачи, се предизвиците на кои мора да се работи.
На сесијата, своите искуства ги изнесоа три компании членки на Комората: Арчелормитал Скопје, Вабтек МЗТ Скопје и Фени индустри.
- Создавањето база на локални снабдувачи кои можат да ги исполнат барањата на странските инвеститори, но и меѓународните стандарди, е еден од факторите кои влијаат на одлуката дали една странска компанија ќе инвестира во одредена земја, како и на нивната конкурентност на таа локација. Колку е поголема соработката, толку ќе биде поголемо влијанието на инвестицијата врз подобрувањето на економијата, унапредувањето на стандардите и зголемувањето на конкурентноста на локалните снабдувачи, порачаа претставниците на трите компании.
Од компаниите истакнаа дека исполнувањето на преземените обврски е силна референца која овозможува квалификација на овие компании во нивните локални организации што значи можност за продажба и во другите компании од групацијата низ светот.
Додадоа дека досега имале неколку вакви успешни приказни.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа