Радост за Македонија - од денеска поевтинува струјата за домаќинствата
Од денеска, тарифните потрошувачи ќе плаќаат поевтина електрична енергија за 4,48 отсто или по средна вредност од 4,731 денар за киловат час. Ваквата одлука за поевтинување на струјата за домаќинствата ја донесе Регулаторната комисија за енергетика во петокот, а ќе важи до 1 јули идната година.
Првичниот предлог на Регулаторната комисија за енергетика беше, цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи од 1 јули да се намали за 5,24 отсто односно средната цена за киловат час електрична енергија да изенсува 4,483 денари, но забелешки на предлогот доставија сите енергетски компании.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров посочи дека најголема улога во намалувањето на цената на струјата имаат корекциските фактори на приходи на енергетските компании, а помалку влијаело намалувањето на цената на струјата на светските берзи.
ЕВН Македонија во петокот преку соопштение до медиумте изрази загриженост од последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика.
- ЕВН Македонија не бараше зголемување на цената на електричната енергија, но не ни очекуваше дека ќе има толку големо намалување и тоа токму и само во делот на ЕВН со што директно се загрозува стабилноста на компанијата, но и на енергетскиот сектор во целина. Големото намалувањето на цената за дистрибуција и снабдување, во комбинација со истовременото зголемување на цената на производството и преносот кај енергетските компании во државна сопственост, сериозно го загрозува работењето на ЕВН Македонија што значително ќе се одрази на ликвидноста на компанијата, прецизира компанијата во своето соопштение.