Бразилските компании заинтересирани за бизнис можностите во Македонија
Македонија нуди одлични бизнис можности за бразилските инвеститори и затоа има добра перспектива за соработка, оценија учесниците на бизнис форумот форумот во Сао Паоло.
- Бразил е шеста најголема економија во светот, а во тие рамки Сао Паоло е најдинамичниот регион со најсилна индустрија и токму затоа сме денес тука на средба со бизнисмените од Сао Паоло да ги презентираме можностите за инвестирање во Република Македонија. Имаше исклучително добар интерес, посебно предизвика внимание даночната политика на Македонија како земја со најниски даноци во Европа. Бизнисмените беа зачудени колку е атрактивно нивото на даноци и колку се поволни даноците во Република Македонија, а секако и општиот амбиент за работа, односно бизнис-климата, потпишаните договори за слободна трговија со земјите од ЕУ и пошироко така што сето тоа наиде на голем интерес за евентуално фирми од Бразил што би дошле во Република Македонија да инвестираат, а преку тоа да го освојат и европскиот пазар, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по форумот на кој присуствуваа претставници на компании од областа на инфраструктурата, енергетиката, земјоделството, медицината и други дејности.
Според вицепремиерот, ова е почетен чекор и треба понатаму да се види како ќе се развиваат тие односи.
- Охрабрувачки е бидејќи првпат во независна Република Македонија се случува една влада и економските министри и премиерот да дојдат во Бразил да ги презентираат можностите. Сметам дека ова е можност да се отворат нови пазари, нови врати со цел да донесеме повеќе инвестиции и да се отворат работни места во Република Македонија, истакна Ставрески.