Електронските рецепти сепак не профункционираа - граѓаните си одеа од аптека со празни раце
Иако од денеска официјално стартуваше употребата на електронските рецепти наместо хартиените, дел од граѓаните не можеа да ги подигнат потребните лекови од аптеките.
Проблеми денеска се јавиле и кај матичните лекари, кои за Канал 5 изјавиле дека не можеле да се поврзат со системот.
-Проблемот е со софтверот на компаниите денеска никој не можеше да функционира, ниту лекарите, ниту аптеките. За жал пациентите останаа без лекови, изјавила за Канал 5, д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружение на матични лекари.
Според Канал 5, екипи на Министерството за здравство и Фондот се на терен и ги поправаат грешките во системот. Оттаму велат дека проблемот бил софтверски и дека постои решение.
Од денеска стартувшреа електронскиот рецепт како дел од интегрираниот здравствен информатички систем, информираат од Министерството за здравство. Овој систем ќе овозможи матичниот лекар лекот да го пропишува по електронски пат, додека пациентот за да ја подигне терапијата во аптека не мора да има електронска здравствена картичка туку потребно е само да го каже матичниот број или бројот на здравственото осигурување внесен на здравствената легитимација.