Комплетна реконструкција и нова опрема во клиниката „Св.Наум Охридски“

Универзитетската клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски ќе биде комплетно реконструирана,а до крајот на месец март 2016 година ќе добие нова софистицирана медицинска опрема во вредност од над 53 милиони денари, информираше денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Станува збор за опрема за ендоскопски и лапароскопски интервенции како и опрема за зајакнување на капацитетите на центарот за изгореници, а според податоците од мој термин зголемен е бројот на упати за овие специјалности.

Тодоров истакна дека причината за набавка на нова опрема е тоа што  базичната опрема за оваа болница се набавени уште пред 17 години и во најголем дел е амортизирана и дотраена што беше причина за откажување на интервенции.

Тој информираше дека ќе бидат набавени ендоскопски систем за абдоминален и лапароскопска хирургија, ендоскопски систем за урологија со биполарен ресетоскоп, ендоскопски систем за артоскопија, систем за гастроскопија и колоноскопија, а  ќе има и комплетно ново опремена сала за ортопедија и трауматологија.

- Целта е со оваа медицинска опрема е да се зајакнат капацитетите, да се редуцираат упатувањата кон останатите универзитетски клиники, а воедно клиниката да прерасне во еден регионален центар за ендоскопска и лапараскопска хирургија, истакна Тодоров.

За користење на оваа опрема лекарите веќе биле на обука во познати медицински центри во светот.

На почетокот на овој месец Министерството за здравство објави тендер за темелна реконструкција на универзитетската болница.

-Реконструкцијата ќе опфати целосно реновирање на оперативниот блок, изградба на дополнителна септична операциона сала, реконструкција на одделот за интензивна нега и просторот за реанимација на пациентите како и целосна реконструкција на кровот на објектот и доградба на уште еден лифт, посочи министерот.

Ќе биде изведена комплетна реконструкција на влезот на Итната медицинска помош, со поставување настрешница, а ќе биде направена и замена на старите со нови гранитни плочки. Се предвидува во сите болнички соби изведба на тоалети и најсовремен систем за довод на медицински гасови. 

- Станува збор за инвестиција вредна 85 милони денари, а изведбата очекуваме да почне во текот на идниот месец. Рокот е 120 дена, од кои 45 дена во установата нема да се извршуваат интервенции и таа ќе биде комплетно ќе биде затворена, а пациентите ќе бидат пренасочени во другите јавни здравствени установи во Скопје. Докторите ќе ги извршуваат должностите на универзитетските клиники, во ГОБ „8 Септември“ или преку проектот Дисперзирана клиника и во други градови низ Македонија, ако изразат желба за тоа, додаде Тодоров. 

Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“- Скопје опслужува над 220.000 пациенти годишно и таму се изведуваат околу 4.000 операции годишно. Таа јавна здравствена установа внатрешно не била реновирана повеќе од 80 години, а во 2002 година е поставена нова фасада.

 

 

Оцени ја веста

24.07.2015 - 13:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега