Неверојатна приказна за експресниот пад на силната економија

 

Јутарњи лист - Загреб

Во април, кога најважниот индекс на Шангајската берза проби над 4.000 поени, во воведникот на „Пиплс Дејли“, весник на Комунистичката партија на Кина, пишуваше дека подемот на пазарот штотуку започнал.

Долгорочно, кинескиот сон за раст на вредноста на имотот и акциите го поттикнуваа пазарот на капитал и создадоа големи инвестициски можности, се наведува во овој подоцна исмеан воведник, откако од почетокот на јуни до почетокот на јули, цените на акциите на берзата во Шангај паднаа за над 30 отсто, при што се избришани околу 4.000 милијарди долари пазарна вредност на кинеските компании. 

Паничната распродажба на малите акционери, властите се обидоа да ја запрат со до тогаш невидени мерки. Водечките 20 брокерски компании мораа да им ветат на властите дека нема да ги продаваат акциите додека цените се ниски и дека во идниот период на пазарот ќе инвестираат над 20.000 милијарди долари.

Потоа властите на големите акционери забранија продажба на акциите и нови јавни понуди на акциите и ги олеснија условите за добивање на кредит за инвестиции.

Дури минатата недела, по сите тие мерки, кинескиот пазар на акции до некаде се смири. Но, никој се уште не е сигурен дека кинеската берзанска криза заврши, која привремено ги потресе и најголемите светски берзи.

Дури и ако е завршена, аналитичарите велат дека ќе помине некое време додека се врати довербата во пазарот на неколку милиони мали инвеститори во Кина.

Жу Сујуан, директорка во една приватна компанија, во тие три недели загубила два милиони јуани или околу 320.000 долари.

- Тоа ми зададе големи главоболки. Ќе помине уште некое време додека се стабилизирам, изјави таа.

Сепак, аналитичарите истакнуваат дека наспроти тој пад, цените на кинеските акции моментно речиси се двојно повисоки од што беа пред една година.

Неумерено силниот раст на цените предизвика и остри падови, велат аналитичарите, предупредувајќи дека растот на кинеското стопанство веќе подолго време успорува и дека ланската еуфорија на пазарите на акциите во Кина, кога цените силно растеа, не била темелена на економски показатели.

Мерките кои ги преземаа властите во последните недели за да го запрат падот на цените на акциите, отворија прашање колку Комунистичката партија е навистина лојална на реформите кои се потребни за создавање на поотворно и подинамично стопанство.

- Широката интервенција на државата, посебно забраната за продажба на акциите на големите акционери, на големо ги потресоа реформите во финансискиот сектор, вели Виктор Шин, професор на Калифорнискиот Универзитет во Сан Диего.

Понатаму, со забраната за идни иницијални јавни понуди на акции властите затворија една од опциите за финансирање на приватните компании, од кои се очекува во иднина да бидат покренувачи на стопанството.

Тие и многу други мерки кои властите ги преземаа за да ја запрат берзанската криза, предизвикаа големи критики.

Шу Сујуан, која многу изгуби поради падот на цените на акциите, планирала да купи нова куќа во нов кварт на Шангај и да ја запише ќерката во подобро училиште. Но, нејзиниот сон ќе мора да почека.

Признава дека била лакома, но ги осудува и државните институции.

- Властите се неразумни. Ова од секогаш беше плански пазар и планско стопанство, заклучи Жу.

 

 

Оцени ја веста

29.07.2015 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега