УКИМ со политика за заштита на интелектуалната сопственост
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ja организираше првата од неколкуте планирани работилници на кои ќе биде изградена политика за поттикнување и заштита на интелектуалната сопственост. Потребата од работилниците се наметнува од рапидниот развој на техничките и технолошките иновации заедно протокот на информации.
Оваа област ќе се регулира со усогласување со актите на ЕУ и со донесениот Закон за иновации, за да се утврдат јасни правила како ќе се штитат правата и интелектуалната сопственост на делата кои се издаваат на УКИМ и како со нив ќе се управува. Според ректорот Велимир Стојковски, на УКИМ не е докрај заштитена интелектуалната сопственост на професорите кои пишуваат учебници.
- На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како еден од поголемите универзитети во регионот, во моментов се работат 64 научно-истражувачки проекти, финансирани од меѓународни фондови, од Министерството за образование и наука и од други фондации. Честопати како производ на овие истражувања се одредени иновации или патенти. Богата е и издавачката дејност на УКИМ, само во изминатите години се објавени над 100 учебници и учебни помагала. Затоа се нематна потреба за ваква работилница, со присуство на тие што ги даваат средствата и тие што истражуваат, за да се регулираат меѓусебните односи и да се регулира понатаму што, колку и кому му припаѓа од целиот процес на истражување и публицирање на Скопскиот универзитет, рече Стојковски.
На работилницата присуствуваше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој во обраќањето подвлече дека Владата е фокусирана на поттикнување на иновациите и мотивирање на истражувачите.
- Донесен е закон со кој ќе се поттикнат иновациите и иноваторството, се реализираат низа програми за поттикнување на претприемништвото, творештвото и технолошкиот развој, а се креираат и имплементираат стратегии за унапредување на состојбите во овие области. Сето тоа е во насока на зголемување на свеста за значењето на правото на интелектуална сопственост, особено во услови на се позасилено потенцирање на развојот на економијата заснована на знаење, истакна Ристовски. Оригиналноста и авторскиот труд се штитат и со други проекти кои неодамна ги воведе МОН, како што се порталите plagijat.mk и patent.mk.mk.
Работилницата беше организирана во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“. Неговиот декан Борче Давитковски истакна дека авторско право и пронајдувачко право на Правниот факултет како предмет постои уште од почетокот на 1990-тите години. Правото на интелектуална сопственост се изучува како посебна програма, а од пред две години е акредитирана и за докторски студии. Истакна дека заштитата на интелектуалната сопственост е предизвик за правниците и ќе биде посебно поглавје кога Македонија ќе ги почне преговорите со Европската унија.
- Европа особено ќе инсистира ова поглавје да биде коректно затворено, односно да покажеме капацитет дека сме способни да го цениме и туѓиот ум исто како што сакаме да ги заштитиме и нашите права од интелектуална сопственост, рече Давитковски, додавајќи дека со уредување на оваа област академската заедница ќе се поттикне и натаму да твори и истражува.
Директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули ја поздрави иницијативата на УКИМ и очекува резултатите да ги поттикнат и другите универзитети во Македонија да креираат соодветни политики.
- Следењето на регионалните и европските трендови за креирање пазари и отворање нови работни места засновани на производи и технологии развиени на научните и истражувачките катедри на факултетите, кои работат на проекти со апликативна вредност, ја позиционираат Македонија во семејството европски држави кои својата економија ја засноваат на знаење. Во тој процес е неминовно престројување на фундаменталните вредности на универзитетите кон барањата на денешнината. Државниот завод за индустриска сопственост е подготвен да биде активен партнер на универзитетите кои се спремни да го отпочнат овој процес, истакна Емрули.
ФОТО: МИА