Нови инвестиции и нови работни места во Виница

 

Претседателот на Владата Никола Груевски при посетата на Општина Виница каде беа промовирани проекти за граѓаните, од градоначалникот Емил Дончев беше информиран за активностите кои се преземаат за отворање нови капацитети во индустриската зона во Виница во насока на отворање нови работни места.

- Освен Технолошко-индустриската развојна зона која што се гради од страна на Владата, градоначалникот изгради и Индустриска зона и ги продаде сите 11 парцели, а веќе на шест се градат нови фабрики, од кои една е веќе готова и очекуваме во септември да почне да работи. Тоа е австриска инвестиција која во моментов врши тестирање на своето производство, рече вчера премиерот Груевски.

Градоначалникот Дончев посочи дека за кратко време во Индустриската зона се изградени шест индустриски капацитети, а други пет се во изградба, при што се осврна на новите работни места што ќе ги отвори австриската компанија Текспорт.

- Австриската компанија Текспорт, која што веќе отпочна со производство досега има некаде околу 140 вработени, а до крајот на годината планира да вработи уште 40, значи 180 вработени во стартот. Нивните планови се дека во наредниот период треба да стигнат до бројката од 250 вработени. Во другите индустриски капацитети коишто се во градба и коишто веќе некои имаат отпочнато со производство се очекува да се вработат уште стотина нови вработени, така што вкупната бројка на вработени овде би била некаде околу 200 до 300 нови вработувања, рече Дончев.

Премиерот Груевски во Виница ја посети и компанијата Макпрогрес- Винчини за која истакна дека е успешен пример на домашна компанија која користејќи ги активните мерки на Владата го прошири своето производство и денес извезува во над 47 земји.

 

Имено, фабриката отвора нов производствен капацитет со инвестиција од 4,5 милиони евра за нова производствена линија дополнително ќе го зголеми бројот на постојните 505 вработени за уште 120 лица.

- Тоа ќе значи 120 нови вработувања од кои 50 до крајот на оваа година. Станува збор за фабрика која постојано расте, која својот профит го реинвестира во нови производни линии кои отвораат нови работни места и мерките што Владата во изминатиот период ги спроведуваше особено во делот на реинвестираната добивка да не се оданочува, многу им помогна на нив затоа што целата добивка оваа компанија ја реинвестираше и секое реинвестирање отвораше нови работни места, рече премиерот Груевски.

Генералниот менаџер на Винчини Глигор Цветанов изјави дека владините антикризни мерки помогнаа за развојот на компанијата. 

- Она што беше една од антикризните мерки за неоданочување на добивката во реинвестиција тоа исто така беше доста корисно бидејќи последните години скоро целата добивка ја имаме реинвестирано и тоа придонесе за уште поголем развој на нашата компанија, рече Цветанов. 

Инаку, овие новоотворени работни места покрај тоа што се од голема помош за виничани, овозможија својата егзистенција да ја најдат и луѓе од околните градови.

 

 

Оцени ја веста

18.08.2015 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега