AРМ е синоним за одговорност и патриотизам

Продолжуваме со реформите и со контрибуциите во меѓународните мировни мисии, а тоа го правиме бидејќи со овие реформи обезбедуваме натамошно јакнење на Армијата. Наша клучна задача во претстојниот период ќе ни биде опремувањето и модернизацијата, истакна министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски во своето обраќање на свеченоста по повод Денот на АРМ – 18 Август.

Министерот Јолевски се осврна и на процесот на едукација и образование кој е високо на листата на приоритети, при што укажа на тоа дека припадниците на АРМ оваа година ќе учествуваат на 11 вежби на НАТО. Воената академија, додаде министерот, ќе се трансформира во Универзитет за национална одбрана, а во план е да се отвори и Катедра за воено воздухопловство која ќе работи заедно со Центарот за обука на пилоти во МО.

Во свеченото обраќање министерот Јолевски информираше дека процесот за прием на 160 професионални војници е пред самиот крај, додека оваа година се планира примање на дополнителни 90.

„Овие војници поминаа низ ригорозен процес на селекција, што гарантира прием на најквалитетните и најдобро спремните кандидати, физички и интелектуално", рече министерот.

Министерот воедно ја реафирмираше стратегиската цел на Република Македонија – полноправно членство во НАТО алијансата, за што, рече ќе продолжиме да ги вложуваме сите напори и активно да учествуваме на реномирани форуми и Самити.

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов потенцираше дека Армијата стана синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам.

„Со се што прави, Армијата ја стекна довербата на граѓаните и на партнерите. Се гордеам на оваа армија признавана и одликувана во татковината и надвор од неа", рече претседателот Иванов. Тој истакна дека припадници на Армијата беа дел од 9 ротации во Ирак, 27 ротации во Авганистан, а во едно време во оваа земја имавме повеќе од војници по глава на жител од 90% од земјите-членки на НАТО.

„Македонија е подготвена за членство во НАТО. Иако одамна ги исполнивме критериумите, предолго чекаме да го заземеме местото кое ни припаѓа", посочи претседателот Иванов.

На денешната свеченост, Армијата на Република Македонија доби нова командна структура – на местото началник на Генералштабот поставен е генерал-потполковник Методија Величковски, додека за негов заменик генерал-мајор Мухамет Рацај.

 

 

Оцени ја веста

18.08.2015 - 15:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега