Отворена првата поголема фабрика во Велес по 20 години: „Маркарт“ ќе донесе вработувања
Германската компанија „Маркарт“ официјално ја отвори својата фабрика во Македонија во индустриската зона Караслари во Велес. Во фабриката која се протега на 15.000 метри квадрати веќе работат 170 од планираните 600 вработени. Досегашната инвестиција е 25 милиони евра, а се планира да достигне над 35 милиони евра.
Новата фабрика ја отворија премиерот Никола Груевски, сопственикот на „Маркарт групацијата“ Харалд Маркарт, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции Веле Самак и градоначалникот Славчо Чадиев.
- Ова е првата поголема странска инвестиција во Велес и воопшто првата поголема фабрика која по 20 години се отвора во овој град, истакна премиерот Груевски.
Со отворањето на фабриката, како што рече, се прекинува традицијата на затворање фабрики во Велес што долги години наназад се случувало во овој град.
- „Маркарт“ важи за еден од најголемите добавувачи на автомобилски делови во светот и нивниот влез во Македонија, уште повеќе го зајакнува имиџот како земја на автомобилската индустрија, рече премиерот и додаде дека доаѓањето на „Маркарт“ и на сите странски инвестиции ќе значи и поддршка за домашната локалната индустрија како во Велес, така и пошироко.
Првите контакти за реализација на оваа инвестиција се направени пред седум години, а во 2013 година беше објавена одлуката за инвестирање. Фабриката почна да се гради лани во април, а производството стартуваше во јуни годинава.
- Фабриката во Македонија е нашата десетта фабрика и ќе игра значајна улога во Групацијата. Вкупната површина е 15.000 метри квадратни, а инвестицијата која ќе ја реализираме ќе биде над 35 милиони евра, рече сопственикот Маркарт.
Тој додаде дека во конкуренција со Македонија кога правеле избор каде да ја реализираат својата инвестиција биле уште две земји, но оти она што било пресудно да инвестираат во Македонија е добрата локација и сигурноста на Владата и политиките.
- Македонија не беше на нашата листа за реализација на инвестицијата се додека претставниците на Владата не направија презентација. Во конкуренција беа останати други две држави, но вие сте победници, истакна Маркарт.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак истакна дека ова е една од низата проекти во кој тој и неговиот кабинет биле вклучени. Посочи дека оваа инвестиција ќе придонесе на резултатите од веќе дојдените странски инвестиции во делот на извозот, како и на бројот на вработени.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, „Маркарт“ е технолошки најсофистицирана компанија во Македонија која ќе вработи голем број стручен кадар. Нивното доаѓање, како што рече, го потврдува за исправен концептот на Владата за отворање локални економски индустриски зони.
Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев рече дека ова е прва фабрика која се отвора во индустриската зона Караслари и оти таа претставува прв чекор во реализацијата на целта, односно индустриската зона да прерасне во зона каде ќе најдат работа повеќе велешани.
„Маркарт“ произведува автомобилски системи за познати брендови како „Јагуар“ „Ленд Ровер“, „Рено“, „Фиат“, БМВ, „Сканија“ , „Крајслер“ и други. Работи во девет земји, има над 8.800 вработени и одбележува 90 години постоење.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа