Костадиновски: Прилепските земјоделци поддржани со над 37.5 милиони евра за пет години
Прилепските земјоделци последните пет години биле директно поддржани со повеќе од 37.5 милиони евра и поддршката ќе продолжи, а земјоделските преработувачки капацитети одлично ги користат средствата од државната програма за рурален развој, изјави заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, по денешната посета на два преработувачки капацитети и по средбата со прилепските земјоделци, пренесе МИА.
Костадиновски по посетата на фабриката за сточна храна „Агроинвест“ информира дека оваа фирма, која со 30 отсто ги задоволува домашните потреби од сточна храна, досега искористила средства од програмата за рурален развој од 100 илјади евра. Нагласи дека фирмата ги подобрува кооперантските односи со производителите кои може да користат директна поддршка преку субвенции и од оваа програма.
- Се создава кооперантски однос со производителите кои произведуваат јачмен, пченка, сончоглед и е импут на сопственикот да произведе квалитетен производ за домашниот пазар, но и за извоз што обезбедува одреден девизен прилив во државата. Ова значи поттик да се користат мерките од програмата за рурален развој, наменети пред се, за преработувачките капацитети за набавка на нова и осовременување на досегашната опрема, а се кофинансирани од програмата со 50 проценти. Таков е примерот со „Агроинвест“. Ние сме на лице место да увидиме дека мерките на владата обезбедуваат развој, конкурентен производ во и надвор од државата. Производителите ги субвенционираме и за производството на фуражни култури, но и преку системот „Капка по капка“ за кој поддршката од државата од ланските пет милиони, годинава е 15 милиони денари поддршка за земјоделците, изјави Костадиновски.
Тој нагласи дека е огромен бројот на корисници на програмата за рурален развој односно дека има преку 30 илјади корисници на оваа програма и од производителите и од преработувачите, каков што е случајот со „Агроинвест“ кои го модернизираат производството.
За сопственикот на „Афроинвест“, Трајче Петрески битна е поддршката на државата за да бидат конкурентни на пазарот. Тој потенцира дека благодарение на ваквата поддршка, се подготвува за проширување на капацитетите.
- Сме корисници на средства од неколку програми за рурален развој во обновување на опремата. Ќе градиме нова фабрика со софистицирана опрема која е набавена и до крајот на годинава да биде пуштена во погон. Капацитетот ќе се зголеми до 2,5 пати за извоз во Албанија и на Косово. Домашниот пазар го задоволуваме со 30 отсто, изјави Петрески.
Костадиновски ја посети и фабриката за преработка на шумски плодови и на пиперки „Бимфуд“ чие производство е целосно наменето за извоз во земјите на Европската унија. Според него, фабриката одлично ги користи досегашните средства од програмата за рурален развој во почетокот на инвестицијата, а сега е пред потпишување договор за нова инвестиција и користење средства од ИПАРД програмата.
- Одличен напредок има оваа фабрика. Од програмата за рурален развој која поддржува 50 отсто од инвестицијата има искористено за стартот на фабриката околу 10,5 милиона денари, а сега е пред потпишување договор со Платежната агенција за ново користење средства, овој пат од ИПАРД програмата. Новата инвестиција е 120 илјади евра, а 60 илјади евра се поддршка преку ИПАРД програмата. Радуваат успесите на овој преработувачки капацитет, особено што целото производство е за земјите од Европската унија, нагласи Костадиновски.
На средбата со прилепските земјоделци во салата зградата на поранешната локална самоуправа, заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски земјоделците ги потсети дека во пет години е исплатена директна поддршка од 37,5 милиона евра, од кои голем дел се за тутунарите.
- Во изминатиот период, Владата како директни плаќања за субвенции за прилепските земјоделци од 2010 до 2015 инвестираше 37,5 милиони евра, најмногу за тутунарите. Годинава, само 7, 5 милиони евра се исплатени за прилепските тутунари. Толку средства никогаш пред 2006 година не им се дадени на земјоделците, рече Костадиновски.
Годишно, потенцира тој, Владата за македонските земјоделци издвојува 145 милиони евра.
- Тоа се домашни средства, од буџетот преку програмите за рурален развој и директните плаќања, а преку партнерите од ЕУ за земјоделците се на располагање 50 милиони евра. Државата продолжува и со директната поддршка за земјоделците и за сточарите, рече Костадиновски.
Според заменик министерот за земјоделство во Прилепско, заедно со општините Кривогаштани и Долнени, 1000 земјоделци имаат направено закуп на земјоделското земјиште и обезбедуваат егзистенција за себе и за семејствата.
Оцени ја веста
07.10.2015 - 16:22
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа