Српската Влада нема донесено забрана за увоз на домати од Македонија
Не се точни информациите објавени денеска дека српската Влада вовела реципрочни мерки кон Македонија со кои забранува увоз на домати.
Како што јавува Б92, контра мерките се подготвуваат и ќе бидат објавени по нивното конечно дефинирање.
Според Танјуг, потпретседателот на српската Влада Расим Љајиќ и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Горан Кнежевиќ веќе го усогласиле редоследот на мерките кои ќе бидат спроведени по одлуката на македонската Влада да го ограничи увозот на пченица и брашно од Србија.
Б92 утрово информира дека Србија веќе донела реципрочни мерки со кои забранува увоз на домати од земјава.
Во врска со ваквите најави, завчера, министерот за земјоделство Љупчо Димовски, одговорајќи на новинарско прашање, рече дека македонската Влада во јануари годинава ја има известено Србија за одлуката на „условен увоз“ која е донесена и согласно меѓународните правила.
- Ние немаме никаков проблем со ниту еден произведувач надвор од државата и секој што смета дека на кој било начин е засегнат, тоа е негово право. Одлуката е донесена врз основа на Законот за земјоделство и рурален развој според кој Министерството, односно институциите се задолжени да го заштитат домашното производство и ние тоа го правиме, како и врз основа на ЦЕФТА договорот кој вели, во случај на пореметување на пазарот во државата, институциите имаат право да воведат мерки со кои ќе се спречи натамошното влошување. Постапивме по тие два документа и за нашата постапка имаме сериозни аргументи. Не знам дали другата страна има такви аргументи, но ќе треба да ги објасни. Ние тоа и во писмена и усмена форма, а што е битно во писмена форма уште во почетокот на јануари ги доставивме до српската страна, рече Димовски.
ФОТО: Вис