Ќе се гради гасовод од Штип до Битола и од Скопје до Гостивар

 

За реализацијата на проектот „Гасификација на Република Македонија – фаза 1“ кој опфаќа изградба на магистрален гасовод од Штип преку Неготино до Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар обезбеден е кредит во висина од 90 милиони евра од Дојче банк и Ерсте група, а законот за задолжување со предлог за донесување по итна постапка веќе е доставен до Собранието, пишува весникот Дневник.

Со кредитот што ќе биде со рок на отплата од седум години и грејс-период од три години се предвидува да се изградат 36 километри гасовод од Штип до Неготино, потоа 92 километра од Неготино до Битола како и 76 километри од Скопје, преку Тетово до Гостивар.

Kако што стои во образложението на законот, со реализацијата на овој проект ќе овозможи достапност на природниот гас како конкурентен и еколошки чист енергент до стопанството, индустријата и домаќинствата, поврзување на повеќе региони во државата со системот за пренос на природниот гас, и стабилност во снабдувањето со енергенти, пред с` во индустријата, што доведува до поголем економски развој на сите региони во Република Македонија.

-Проектот овозможува повисок степен на остварување на економски и социјални придобивки, како и унапредување и заштита на животната средина со поголема искористеност на природниот гас како еколошки чист енергент, се наведува во текстот.

Националниот гасификациски систем на Република Македонија инаку предвидува изградба на 5 магистрални правци на територијата на Република Македонија, кои ќе се реализираат во две фази. Првата, приоритетна фаза, се планира да се реализира во периодот од 2015 до 2019 година, додека втората фаза ќе се реализира во периодот од 2017 до 2022 година.

Заемот во износ до 90 милиони евра, кој ќе се повлекува во седум транши, ќе преставува директна обврска на Буџетот на Република Македонија, и истиот ќе се препозајми на АД Македонски енергетски ресурси, кое ќе биде имплементатор на овој проект. За реализација на овој проект инаку Министерството за финансии има доставено писма за изразување интерес до големите светски банки меѓу кои и на Сити банк, УБС, Рајфајзен банк, ХСБЦ, „Голдман Сакс“ и други. Во предвидениот рок за доставување понуди, биле доставени понуди од „Сосиете женерал“, „Мерил Линч“, „Kредит Суис“ и заедничка понуда од Дојче банк и „Ерсте груп“ која била и најповолна во однос на останатите понуди.

Гасоводот од Штип до Битола всушност ќе претставува продолжение на делницата од Kлечовце до Штип во должина од 61 километар која е во изградба и која се реализира со средства од клириншкиот долг на Руската Федерација кон Македонија.

 

 

Оцени ја веста

09.10.2015 - 14:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега