Народна банка: Економската активност продолжува да расте

 

Монетарната политика е соодветна, а економската активност и понатаму расте со солидно ниво, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.

На седницата одржана вчера е одлучено на аукција да се понудат благајнички записи на ниво од 25.500 милиони денари со непроменета каматна стапка од 3,25 проценти. 

- Најновите показатели покажуваат дека економската активност и понатаму расте со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуалните непредвидени шокови во иднина. За ефектите врз домашната економија, поврзани со домашните политички случувања и економско-политичките случувања во Грција, и понатаму се оценува дека се ограничени и дека главно се остваруваат преку каналот на очекувањата. Сепак, и понатаму постои неизвесноста во окружувањето, што создава ризици за следниот период. Во вакви услови, излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од понатамошното стабилизирање на домашните шокови и нивните ефекти врз економијата, како и од промените во надворешната позиција и ефектите врз девизните резерви, се вели во денешното соопштение од НБРМ.

Во однос на макроекономските показатели се очекува да продолжи растот на БДП и во текот на третиот квартал но, како што се наведува во соопштението, и покрај солидната динамика на раст, ризиците од пролонгирани ефекти од домашните случувања, како и од промените во глобалниот амбиент, создаваат можност за побавен раст на економијата во втората половина од годината, во споредба со очекувањата.

- Општото ценовно ниво во септември се намали на месечна основа, при пад на цените на храната и на енергијата, додека базичната инфлација забележа раст. Во просек, во првите девет месеци од годината, општото ниво на цените во домашната економија се намали за 0,3% на годишна основа, како последица на падот на цените на енергетската компонента. Инфлациските остварувања во септември се под проекциите. Овие остварувања, заедно со новите очекувања за пониски светски цени на енергијата и на прехранбените производи во однос на априлските оцени, создаваат надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат дека неизвесноста околу идното движење на овие производи е значителна, а можноста за ненадејни промени кај овие категории е голема, оценува НБРМ.

Девизните резерви во третото тримесечје од годинава бележат пад, а благо намалување е забележано и во текот на октомври. - Гледано преку факторите на промена, намалувањето на резервите во овој период е последица, пред сѐ, на редовното отплаќање на надворешните обврски од страна на државата, а во многу мал дел и на нето-продажбата на девизи на девизниот пазар од страна на НБРМ. Сепак, девизниот пазар веќе подолг временски период е стабилен и НБРМ не интервенира со продажба/откуп на девизи, се вели во соопштението.

Ликвидноста на банките во септември била зголемена, обемот на тргување со депозити бил релативно висок, а меѓубанкарската каматна стапка и натаму е на стабилно ниво.

Првичните податоци за септември покажуваат забрзување и на месечниот раст на вкупните кредити на приватниот сектор. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во септември изнесувала 8,9 проценти и е малку пониска во однос на проекцијата. Во однос на депозитниот потенцијал, првичните податоци заклучно со септември покажуваат минимално зголемување, при раст на депозитите на населението. Остварувањата кај вкупните депозити заклучно со септември се послаби од проектираните, при што на годишна основа се повисоки за 5,7 проценти што е значително послаб раст од проектираниот.

 

 

Оцени ја веста

14.10.2015 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега