Владата со јавен повик: „Учиме за бизнис заедницата“
Владата утре во повеќе печатени медиуми и на својата веб-страница ќе го објави јавниот повик за петтиот циклус на проектот „Учиме од бизнис заедницата“. Повикот ќе биде отворен до крајот на декември годинава, најави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
- Проектот „Учиме од бизнис заедницата“ се покажа како исклучително успешна алатка за подобрување на соработката помеѓу Владата и приватните компании, како и за унапредување на деловното опкружување во Република Македонија. Ги охрабрувам и повикувам сите компании независно во кој град се лоцирани да се пријават на јавниот повик и да придонесат секоја на свој начин за подобрувањето на бизнис климата, рече Пешевски на денешната прес-конференција.
Тој појасни дека образецот за пријавување на компаниите ќе биде достапен на веб-страницата на Владата, како и на веб-страницата на вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори.
- По затворањето на јавниот повик на почетокот на 2016 година Владата ќе оформи тимови од обучени професионалци од повеќе државни институции кои по утврдувањето на динамиката во акцискиот план ќе извршат посети во сите пријавени компании и непосредно ќе ги слушнат предизвиците со кои тие се соочуваат, како и предлозите кои сметаат дека би можеле да придонесат за подобрување на бизнис климата во земјата, рече Пешевски.
Прашан дали се планира промена на даночниот систем, Пешевски рече дека Владата во моментов не размислува за тоа.
- Даночната реформа ја сметам за една од најуспешните што се спроведени до сега. За тоа говорат и многу признанија што ни ги имаат дадено меѓународни финасиски институции. Затоа во овој момент не постојат размислувања во Владата за промена на даночниот модел, рече Пешевски.
Проектот „Учиме од бизнис заедницата“ започна да се спроведува во 2010 година и во изминатите четири циклуси посетени се 517 компании и разгледани над 700 барања од кои повеќе од половината се прифатени од Владата. Надминати се и повеќе од 200 инвидуални проблеми на компаниите кои претставуваа пречка во нивното работење. Од проектот произлегоа и 72 системски решенија кои придонесоа за измени и дополнувања на низа закони и подзаконски акти, стратегии и програми.
На иницијатива на компаниите забрзани се постапките за пренамена на земјоделското во градежно земјиште, намалена е стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто на промет на жив добиток, забрзани се постапките за урбанистичко-планска документација преку посебен електронски систем е-урбанизам, овозможен е побрз проток на жива стока и опасни материи преку приоритетни ленти на граничните премин Табановце и Богородица, воведена е нова авионска линија Охрид – Лондон,..
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа