Иванов: Бегалската криза ќе трае, а финансиската помош од ЕУ се уште не е пристигната

Справувањето со мигрантската криза за Македонија претставува голем напор и оптоварување на сите наши буџетски средства. Сепак покажавме дека можеме да се справиме со овој предизвик, иако сите ресурси се до максимум искористени, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по денешната посета на прифатниот центар во Гевгелија, каде се згрижуваат мигрантите кои транзитираат низ Република Македонија.

Претседателот Иванов констатираше дека Македонија се соочува со нова реалност и според информациите на терен наместо да се намалува, бројот на бегалците се зголемува. Се случувало и прилив од 1000 бегалци за само еден час, а дневно да транзитираат и до 10.000 лица.

- Оваа балканска рута - коридорот 10 се покажа дека е најбрзиот пат за бегалците и се повеќе се користи токму оваа рута и тоа се гледа во вакви услови - напливот на бегалци се зголемува. Како држава покажавме дека можеме да се справиме со овој предизвик иако сите средства речиси се искористени до максимум. Неопходна ни е помош и материјална и финансиска, меѓутоа има потреба и од многу опрема која е неопходна за да може да се справиме со овој предизвик, истакна претседателот Иванов, посочувајќи дека само безбедносните служби месечно трошат околу еден милион евра. Тој додаде дека за  овие пет месеци Македонија потрошила пет милиони евра непланирани средства само за безбедносните служби, а притоа не сметајќи ги трошоците за здравство како и  услугите на Министерството за труд и социјала.

Иванов посочи дека на сите негови меѓународни настапи барал Македонија да биде вклучена во носењето на одлуки на ЕУ кои се однесуваат на балканскиот мигрантски коридор.

-Се гледа дека ова ќе трае и ќе мора нашата земја да се прилагоди, бидејќи живееме на најбрзиот коридор. Ова на некој начин е и порака до ЕУ,  затоа што водела погрешна политика во однос на интегрирањето. Ако Македонија и Србија беа дел од Европската унија,  тогаш многу поуспешно ќе се справувавме со сето ова, порача Иванов.

На новинарско прашање, Иванов одговори дека финансиската помош од Европската унија се уште не е пристигната.

Посочувајќи дека Македонија и Србија иако не се дел од ЕУ, сепак ги трпат последиците од нефункционирање на институциите во самата Европска унија, Иванов порача дека на вонредниот самит во недела  свикан од претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, очекува поголема синхронизација и соработка меѓу институциите, притоа додавајќи дека е неприфатливо што некои држави се раководат само од сопствените интереси.

-Очекуваме многу поголема координација, соработка на службите, особено вклучување на Македонија и Србија во информациите кои се од безбедносен карактер, бидејќи не станува збор само за бегалци, туку постојат предизвици за кои мора да се разменуваат информации кои се чувствителни, порача македонскиот претседател, истакнувајќи дека ова прашање не може бирократски да се решава, туку е потребно секојдневно менаџирање.

-Секој ден мора да се има удел од сите организации, и меѓународните и нашите и европските институции, за да можат овие луѓе кои ги снашла ваква судбина, со кои навистина сочувствуваме, полесно да го поминат овој коридор, и до дестинациите до кои се упатиле, да стигнат без сите трауми кои што досега ги проживеале, додаде Претседателот.

Иванов изрази благодарност до сите државни институции, до армијата, полицијата,  меѓународните организации, УНХЦР, меѓународната организација за миграција, до Црвениот крст како хуманитарна организација, до невладините организации, младите правници кои нудат бесплатна правна помош,  и до сите хумани поединци кои помагаат во справување со бегалската криза. 

Претседателот Иванов денеска ја посети јужната гранична линија и прифатниот центар во Гевгелија, каде надлежните од армијата и полицијата го брифираа за тековните мерки и активности  кои ги преземаат при влез, транзитирање и излез на мигрантите,  како и за капацитетите со кои располагаат, и за нивните потреби. 

Ова е втора посета на македонскиот претседател на јужната граница. Во јули Иванов иницираше Армијата на Република Македонија да се ангажира со помош и поддршка на припадниците на МВР, а со цел подобрување на контролата на границите.

 

 

Оцени ја веста

22.10.2015 - 13:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега