Владината кампања „Здравјето е избор“ според препораките на СЗО - да се избегнува месна преработена храна

Светската здравствена организација соопшти денеска дека месните преработки, како сланината, шунката и колбасите, можат да бидат причина за појава на рак.

Извештајот го направиле 22 експерта од десет држави, а во заклучоците се поддржуваат „препораки за ограничено внесување месо“.

Според СЗО, месото се обработува на начин на кој му се продолжува рокот на траење или вкусот, со стврднување, додавање сол или конзерванси. Тие додатоци го зголемуваат ризикот од канцер додека високата термална обработка како што е - скара, може исто така да создаде канцерогени хемиски материи.

Во извештајот на Меѓународната агенција за истражување на канцерот (IARC) во СЗО, со седиште во Лион, се вели дека и црвеното месо во целина е „најверојатно кацерогено“ иако за тоа постојат ограничени докази.

Наведено е дека само 50 грама месни преработки дневно – што е помалку од две парчиња сланина, го зголемува ризикот за развој на карцином на дебелото црево за 18 отсто.

Сепак, СЗО смета дека месото може да биде и корисно за здравјето и оти тие заклучоци може да им помогнат на државите при давањето урамнотежени совети за исхрана.

- Таа одлука не значи дека треба да престанете да јадете месо и преработки, но ако многу конзумирате можеби би требало да размислите за редицирање, вели Тим Кеј, професор од британската Агенција за истражување на канцерот, и додава дека здравата храна подразбира умереност. 

Владата на Република Македонија годинава почна голема кампања за здрава храна проследена со спотови и медиумски настапи. Објавена беше на прес-конференција на која се обрати премиерот Никола Груевски, а пораките кореспондираат со препораките на Светската здравствена организација.

Кампањата насловена „Здравјето е избор“ е во тек, а има за цел подигнување на јавната свест за консумирање здрава храна и здрав начин на живеење. Со едукативен пристап Владата иницира промена во начинот на исхрана, нов животен стил со повеќе физичка активност - помалку продукти што предизвикуваат зголемена телесна тежина. Зголемен е бројот на кардиоваскуларни болести, дијабет 2, канцер на дебелото црево - 80 отсто смртни случаи предизвикани од лошата исхрана.

Оваа кампања, како што нагласи премиерот, не е изолирана активност на Владата, туку напротив, е надополна на сеопфатниот системски пристап кој го применува во оваа сфера со активности и реформи што се спроведуваат на секое ниво.

- Избегнување употреба на здрава храна, но и на недоволно практикување физички вежби и рекреација за подобрување на здравјето - овие факти според сите светски истражувања придонесуваат за зголемување на стапките поврзани со влошување на здравјето, кардиоваскуларните болести, дијабет од тип 2, некои видови канцер, изјави премиерот Груевски.

Македонија, според него, има доволен избор на здрава храна, овошје, зеленчук, житарки протеини за поквалитетен и подолг живот. - Да не дозволиме од брза храна и неправилен начин на внесување да се зголеми бројката на деца со прекумерна тежина и дијабет два - апелираат докторите, порача премиерот. 

Како што стои во извештајот на СЗО, сланината, колбасите и шунката се меѓу петте најканцерогени производи, заедно со цигарите, алкохолот, азбестот и арсенот.

 
 
26.10.2015 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега