Промовиран новиот GS1 каталог за брз пристап до матичните податоци за производите

Компаниите и надлежните институции заеднички да креираат регистар на македонските производи по светски стандарди. Тоа ќе овозможи поголема конкурентност, додадена вредност, сигурен пласман на домашниот и странските пазари, промоција, видливост, следливост, заштита на брендот...

Ова е пораката од денешната презентација на комплетно редизајнираниот GS 1 каталог на која беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и GS 1 Македонија.

GS (Глобал стандард) 1 каталогот е алатка која овозможува брз и едноставен пристап до матичните податоци за производите. Моментно брои 2.500 македонски производи на повеќе од 230 компании. Пребарувањето може да се врши по 17 критериуми со 64 атрибути групирани во осум категории.

- Воспоставувањето на ваквиот софистициран систем за следливост на храната е од исклучителна важност за сите фактори – производителите, преработувачите, дистрибутерите, трговците и потрошувачите. Тоа е основа и за зголемување на конкурентноста на компаниите вклучени во бизнисот со храна не само на домашниот, туку и на странските пазари каде што исто така безбедноста на храната и на храната за животни е врвен приоритет, истакна директорот на АХВ Зоран Поповски пред потпишувањето на Меморандумот.

Како што потенцира претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, GS 1 каталогот треба да стане единствен доверлив извор на информации за производите со македонски бар код и во иднина да се поврзе и да биде дел од глобалната мрежа.

- Неопходно е процесот на модернизација на производството адекватно да се следи и со современа технологија за размена на информации и податоци за производите. Тоа е клуч на успех за секоја компанија и треба да биде визија за нејзин развој. GS 1 каталогот е токму таква модерна технолошка алатка преку која нашите фирми може да ги промовираат своите производи, рече Азески, додавајќи дека за една година од систем само за промоција на производите, GS 1 полека прераснува во платформа за развој на електронската трговија.

Според претседателот на Управниот одбор на GS 1 Македонија Симон Наумоски, новите технологии се тренд на богатите економии кои треба да се прифаќаат доколку сакаме да изградиме постабилна економија.

GS 1 системот е единствен меѓународен и мултисекторски за идентификација на производи и услуги, стандард кој овозможува продуктивно и сигурно движење на производите, услугите и податоците низ дистрибутивниот синџир, посочи Наумоски.

GS 1 Македонија е членка на Меѓународната GS 1 организација чиј приоритет е развивање платформа од синхронизирани 30 лиценцирани каталози со преку 15 милиони производи од над еден милион компании, преку која се врши и електронска трговија. GS 1 каталогот и овозможува на Македонија приклучок во оваа област, како и пристап на сите нејзини членки во глобалната GS 1 мрежа. 

 
 
27.10.2015 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега