Иванов: Знам англиски но се додека сум Претседател ќе зборувам само на македонски јазик

Сé додека сум претседател ќе говорам на македонски јазик, рече претседателот Ѓорге Иванов, на денешниот брифинг со претставниците на медиумите, по повод неговото учество на Лидерскиот самит посветен на мигрантската криза, одржан во неделата во Европската комисија во Брисел.

 

„Во Европска унија секој си го говори својот јазик. Меркел цела вечер на конференцијата говореше германски, Ципрас на грчки, Борисов говореше на бугарски. Јас говорев на македонски јазик. Знаете дека јас го вратив извештајот на Европската комисија затоа што ни го бришеа македонскиот јазик. На што ќе личеше јас да зборувам на друг јазик. Сé додека сум претседател ќе зборувам на македонски јазик“, рече претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање зошто не зборувал на англиски..
 
Во својство на професор, продолжи претседателот Иванов, понекогаш предавањата ги држам на англиски јазик. „На некои патувања кога имам предавања, се обраќам на англиски јазик, додека во политичка институција, во Европската унија, во Обединетите нации, секогаш ќе го говорам македонскиот јазик, како што Путин го говори рускиот, Меркел германскиот, како Обама англискиот“, истакна претседателот Иванов.
 
„Јас како претседател го чувам македонскиот јазик. Тоа е и начинот да си го чуваме и докажуваме нашиот индентитет, кога другите ни го оспоруваат“, објасни претседателот Иванов на денешниот брифинг со новинарите, свикан по повод учеството на македонскиот претседател на Лидерскиот самит посветен на мигрантската криза, одржан во неделата во Европската комисија во Брисел.

 
 
27.10.2015 - 21:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега